По Берлин и Франкфурт, и Келн воведува посебни мерки против ширењето на коронаинфекциите

По Берлин и Франкфурт, во саботта и Келн ја надмина горната граница на новозаразени со коронавирусот поради што се воведуваат посебни мерки, како што се забрана за консумирање алкохол во доцните вечерни часови на јавни места, како и носење заштитни мерки во пешачките зони.

Во последните 24 часа во Германија регистриран е 4.721 нов случај на коронавирусот, или 20.248 случаи во последните седум дена со седмична инциденца од 24,3. Севкупно Германија од почетокот на епидемијата забележа речиси 320.000 случаи на коронаинфекции и со последните десетина вкупно 9.600 смртни исходи.

„Бројот на новозаразените на 100.000 жители во последната седмица ја надмина границата од 50 и сега изнесува 54,8“, соопшти покраинското биро за здравство на сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, чиј административен центар е Келн.

Градските власт во Келн наложија мерки кои настапуваат по преминувањето на критичната граница од 50 зарази на сто илјади жители. Мерките содржат забрана за консумација на алкохол на јавните места по 22 часот, и забрана на продажба на алкохол во делови од градот кои се познати по интензивниот ноќен живот.

Со тоа сака да се спречат сѐ побројните забави на отворено, за кои постојат сомневања дека се едни од главните причинители за остриот раст на бројот на новозаразените во поглемите германски градови последниот период.

Покрај тоа, се воведува задолжителното носење маски на јавни места со голема концентрација на минувачи, како што се пешачките зони во Келн. Исто така, дозволено е собирање на само пет лица на јавни места кои не припаѓаат на исто домаќинство, наместо досегашните десет лица. Граѓаните се предупредени и дека собирите и прославите во сопствените домови не им се препорачуваат.

Градоначалничката на Келн, Хенриете Рекер, засега се откажа од мерката за задолжително затворање на угостителските објекти во доцните вечерни часови, што е на сила во Берлин и во Франкфурт.

Германската канцеларка Ангела Меркел во петокот во разговорот со градоначалниците на најголемите градови во земјата договори мерки кои се применуваат доколку се преминат ризичните вредности од 50 зарази на 100.000 жители. Меркел притоа истакна дека целта на мерките е спречување на ново затворање во Германија оваа есен и зима.