Поборниците на независноста на Каталонија имаат мнозинство во парламентот

Трите партии коишто бараат независност на Каталонија од Шпанија добиваат во каталонскиот парламент апсолутно мнозинство на предвремените избори кои се одржаа во четвртокот, според привремените резултати по пребројувањето на 70 отсто од избирачкиот материјал.

Сепаратистичките партии добиваат 70 од 135 мандати, според прелиминарните резултати, а за просто мнозинство потребни се 68 пратеници.

Партиите за независност имаа 72 пратеници во парламентот по изборите во 2015 година, со што пред два месеца ја доведоа североисточната покраина на работ од отцепувањето, а Шпанија ја турнаа во најголемата политичка криза во последните четири децении од воведувањето на демократијата во земјата.

Партијата со најмногу освоени мандати во парламентот е центристичката „Граѓани“ (Ciudadanos), којашто го поддржува единството на Шпанија, која добива 35 пратеници. Следат партии за независност коалицијата Заедно за Каталонија чиј член е Каталонска европска демократска партија (PDeCAT) на отстранетиот каталонски претседател Карлес Пучдемон кој е во егзил во Белгија со 34 пратеници и Каталонската републиканска левица (ERC) со 32 мандати. На четвртото место со 17 места е левиот центар PSE, која е покраински огранок на шпанската социјалистичка партија PSOE, а се противи на независноста.

Мнозинството на заговорниците на независноста засега им го носат 4 пратеници на антикапиталистичката Кадидатура на народното единство (CUP) со коишто доаѓаат до натполовично мнозинство од 70 мандати.