Поборниците на независноста победници на изборите во Каталонија

проанешниот каталонски претседател и кандидат на Junts per Catalunya,Карлес Пучдемон, ги следи изборните резултати на 21-ви декември 2017/STEPHANIE LECOCQ EFE

Партиите коишто се залагаат за независноста на североисточната шпанска покраина Каталонија освоија мнозинство мандати во каталонскиот парламент на предвремените избори во четвртокот, коишто ги распиша централната влада во Мадрид откако ја суспендира автономијата на покраината а должностите на тамошната администрација ги преземаа министерствата откако пред два месеца беше прогласена независност врз основа на референдумот од 1-ви октомври кој Уставниот суд на Шпанија го прогласи за нелегален.

Трите партии кои бараат независност на Каталонија од Шпанија добиле 70 места во 135-члениот парламент, со што ја потврдија доминацијата остварена на последните редовни избори од 2015 година кога имаа 72 пратеници, иако нивните челници се наоѓаат или во егзил во Белгија или во притвор крај Мадрид, што ги оневозможи за директно учество во кампањата. За натполовично мнозинство потребни се 68 пратеници.

Ваквиот исход од гласањето значи продолжување на неизвесноста во Шпанија којашто пред два месеца се најде во политичката криза во последните четири децении по воведувањето на демократијата во земјата, откако во каталонскиот парламент беше изгласана независноста.

Поединечен победник на изборите е партијата Граѓани (Ciudadanos), којашто го поддржува единството на Шпанија, бидејќи освои најмногу 36 места во парламентот. Меѓутоа, имајќи предвид дека другите партии кои се противат на независноста освоија заедно само 29 мандати, ваквата коалиција не може да дојде до бројката од 68 пратеници за да формира коалициска влада.

Партијата на левиот центар PSC, која е покраински огранок на шпанската социјалистичка партија PSOE, а се противи на независноста, освои 17 пратеници, а веднаш зад неа е Catalunya en Comú-Podem, којашто е каталонски огранок на левичарската Podemos, со 8 пратеници. На последното место е партијата на десниот центар Народна партија (PP), владејачка на национално ниво, на шпанскиот премиер Маријано Рахој со само 4 мандати, но таа и традиционално нема позначајна поддршка во Каталонија.

Партиите на поборниците на независноста, за разлика од минатите избори, на овие одеа самостојно, и во нива најдобро мина коалицијата Заедно за Каталонија, чиј член е Каталонска европска демократска партија (PDeCAT) на отстранетиот каталонски претседател Карлес Пучдемон кој е во егзил во Белгија со 34 пратеници. Две места помалку, или 32 мандати, освои Каталонската републиканска левица (ERC) којашто, исто така, повикува на независност и која беше фаворит на изборите, иако нејзиниот лидер Ориел Жункерас е во притвор крај Мадрид под обвинение за организирање на референдумот за независност и повикување на бунт. На нив треба да им се придодадат четирите пратеници коишто ги освои антикапиталистичката партија Кандидатура на народното единство (CUP), со што силите за самостојноста доаѓаат до 70 пратеници.

Формирањето коалиција на овие три политички формации и воспоставување нивна влада, ќе даде нов импулс на движењето за независност кое го задуши шпанската влада на 28-ми октомври првпат во историјата употребувајќи го членот 155 од уставот со кој се суспендира автономијата на покраината, ден откако во каталонскиот парламент беше изгласано воспоставување независна република Каталонија, по што беа распишани денешните вонредни парламентарни избори. Кусиот период, имено требаше да ги оневозможи сепаратистите да се консолидираат по притворите и пребегнувањата на нивните лидери во странство. Интересно ќе биде следните денови како тие ќе ги остварат своите мандати, бидејќи повеќето од нив беа на кандидатските листи.

И поборниците и противниците на независноста го мобилизираа 5,5-милионскот население со право на глас, од кои 82 отсто излегле на гласањето, што е рекордно восока излезност во на избори во Каталонија, што му даваше надежи на Мадрид дека на избирачките места ќе излезе ткн „тивко мнозинство“ кое ја поддржува унитарноста на Шпанија и е обично попасивно во однос на заговорниците на независноста.

Оваа бројка на излезноста е уште позначајна кога ќе се има предвид дека населението на Каталонија произведува 20 до 25 отсто годишно од стоките и услугите во Шпанија, а излегле на избори во работен ден. Покрај тоа, многумина од гласачите овие избори ги препознаа како изјаснување за „Да“ или „Не“ за независноста, или повторен референдум за независноста, иако шпанската влада и пред изборите порача дека тоа не е опција, бидејќи е спротивна на уставот.

Поранешните членови на каталонската влада се обвинети за бунт против Шпанија и се наоѓаат на условна слобода, во домашен притвор, во притвор покрај Мадрид и во Белгија додека трае постапката против нив, Но во петок веднаш треба да започнат преговорите за формирање на коалицијата, коишто ќе бидат продолжени по католичките Божикни празници.