Почина академскиот сликар Димитар Стојчевски

На 81 годишна возраст во Крива Паланка почина Димитар Стојчевски, основоположник на Кривопаланечкото сликарство, еден од основачите на ликовната колонија „Свети Јоаким Осоговски” и доајен од повоената генерација македонски сликари.

Стојчевски е роден 1940 година во Сисак, Р. Хрватска. Средното училиште го завршил во Скопје на одделот за декоративно сликарство во 1959 година, по што се запишал на Академијата за ликовна уметност во Белград.

Од 1969 година беше член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, а истата година бил вработен на Градежниот факултет во Скопје.

Во 1987 година заедно со други ентузијасти ја формирал ликовната колонија „Свети Јоаким Осоговски” во Крива Паланка.

Имал самостојни изложби во Скопје, Куманово, Крива Паланка, Струмица, Гевгелија и во други места. Групно настапувал на изложби во Белград , Скопје, Риека , Задар, Софија, Пловдив , Велингтон , Париз , Цетиње, Задар и др.

Неговите дела се наоѓаат во многу приватни збирки и колекции во Македонија, Грција, Германија, Шпанија, Англија и САД.

Добитник е на повеќе награди меѓу кои и наградата ,, Нерешки мајстори” .