Почина Кирил Дојчиновски, првиот Македонец што настапи на едно Светско првенство

Тажна вест ја погоди фудбалската јавност утрово, почина Кирил Дојчиновски, едно од најголемите имиња во македонскиот фудбал.

Животниот пат го заврши на 78-годишна возраст, а низ него помина многу меридијани и работеше со големи фудбалски имиња, оставајќи трага и тој, не само во југословенскиот фудбал, туку пошироко. За Македонија, ќе остане запаметен како првиот кој настапи на едно Светско првенство, во рамки на репрезентацијата на Југославија, во 1974 во Западна Германија.

Роден на 14 октомври, во Скопје, неговите фудбалски почетоци потекнуваат од Вардар, каде што минал пет сезони, од 1962 до 1967 година. Во тој период одиграл 218 натпревари, од кои 132 првенствени. Неговиот квалитет бил препознат од Црвена звезда, па во 1967 преминува во редовите на белградските црвено-црни, каде што останал седум години. Иако нетипично за тој период, останал активен и играл на високо ниво и во четвртата деценија од животот и тоа во една од најсилните лиги во Европа, во екипта на Троја (1974/75) и на ФЦ Париз (1975/77).

Во периодот од 1970 до 1974 година беше стандарден член на репрезентацијата на поранешна СФРЈ предводена од Миљан Миљаниќ. Во играчката кариера станал четирикратен шампион на Југославија, освојувач на Митропа купот, полуфиналист во Купот на европските шампиони со Црвена Звезда во сезоната 1970/71 и четвртфиналист во сезоната 1973/74.

Тренерската кариера ја почна како селектор на Ел Салвадор, во 1989 година. Во 1990 кратко застана на чело на Вардар, а потоа се врати во егзотичната земја, каде што стана двократен шампион со екипата на Луис Фирпо. Во Ел Салвадор остана во 1998 година, со втора епизода на клупата на репрезентацијата. Потоа беше тренер и на грчки Ираклис, како и на македонските клубови Пелистер, Македонија ЃП, Брегалница Делчево и Брегалница Штип. Карариера ја заврши таму од каде што ја и почна, како тренер на својата најголема љубов, ФК Вардар, во сезоната 2007/08 кога се нафати на предизвикот во една од најтешките пресвртни години во историјата на клубот.

Кирил Дојчиновски, поради огромните заслуги за македонскиот фудбал, е добитник на бројни признанија меѓу кои и Наградата за животно дело од Македонскиот олимписки комитет, како и признанието од белградска Црвена Звезда, за една од најголемите легенди во историјата на клубот.