Починаа четири пациенти во штипската болница, 14 се во критична состојба

Четири пациенти починаа на Инфективното одделение во штипска Клиничка болница.

Директорот на Клиничка болница, Ален Ѓеорѓијев за МИА вели дека од коронавирусот починати се тројца пациенти, од кои 52 годишен од Кочани и 68 и 71 годишен од радовишкиот регион, а четвртиот битката ја изгибил како сомнителен случај.

Ѓеорѓијев вели дека за разлика од пролетниот бран, сега во текот на есенските месеци поголем дел од хоспитализираните случаи се со тешка клиничка слика, од кои 14 се и во критична состојба. На одделението имаат 20 пациенти на кои им е потребна кислородна поддршка. Во моментов на Инфективното и Кожно одделение се лекуваат вкупно 57 пациенти од целиот источен регион, а се размислува да се прошири болничкиот капацитет и на друго одделение.

– Во октомври имаме потрошено 13,5 тони медицински кислород, а во септември 6,5, што е двојно и покажува во каква состојба ни пристигнуваат пациентите во болницата – вели Ѓеорѓијев.

Toj забележува дека во моментов имаат лекови, здравствена опрема за медицинскиот персонал, а во текот на утрешниот ден најавено е дека ќе пристигнат и донации од маски.