Почна истрагата за потеклото на коронавирусот, a тимот на СЗО се сретна со кинески научници

Тимот на Светската здравствена организација (СЗО) што го истражува потеклото на коронавирусот денеска се состана со кинеските научници, по што ќе следат и посети на лаборатории, пазари и болниците во Вухан.

Вчера заврши двонеделниот карантин на тимот експерти на СЗО по нивното пристигнување во Кина, па сега тие можат да ја почнат истрагата, чии резултати ги очекува целиот свет.

Прво ќе се сретнеме со нашите колеги, ќе разговараме за планот што го имаме тука во Вухан. Лидерот на кинескиот тим, професор Ванјан, се пошегува за некои технички грешки. Среќни сме што ги гледаме нашите кинески колеги во живо, по серијата онлајн состаноци, изјави Марион Копманс, вирусолог од Холандија, пренесоа британските медиуми.

Тимот на СЗО треба во Кина да мине две недели и за тоа време да го посети и пазарот каде наводно избувна жариштето на епидемијата, а, исто така, ќе го посети и Институтот за вирусологија во Вухан.