Почина познат манекен на писта за време на Модна недела

Бразилски манекен почина откако му се слошило на писта за време на Модната недела во Сао Пауло.

Организаторите на настанот соопштија дека 26-годишниот Талес Соареш паднал за време на ревијата на модниот бренд „Окса“ и лекарски тим веднаш му укажал помош. Тој бил прогласен за мртов откако бил превезен во болница. Други детали за трагичниот настан не се објавени.

Локалниот весник „Дејли фолја“ објави дека Соареш паднал откако се сопнал на врвките од обувките и публиката во прв момент мислела дека тоа е дел од настапот.

„На Соареш наеднаш му се слошило за време на нашата ревија. Целиот тим е шокиран“, соопшти модната куќа „Окса“.

Весникот Folha de San Paulo пишува дека 26-годишниот манекен познат и како Талес Кот паднал на подиумот со знаци на епилепсија, по што бил пренесен во болница каде починал.

Според колегите, младичот не се жалел на своето здравје, иако бил малку нервозен пред да излезе на подиумит. Тие, исто така, посочиле дека манекенот, кој бил вегетаријанец, не јадел пред настапот, бидејќи на настанот не можело да се најде соодветна храна за него.