Родилка и бебе починаа синоќа во тек на изведување царски рез во Општата болница во Гевгелија.
Во тек на изведување царски рез настапила смрт кај родилката и нејзиниот плод. За жал, реанимацијата на мајката и плодот биле неуспешни. Во текот на породувањето, покрај гинеколози биле присутни и анестезиолози, неонатолози и интернисти.
Во врска со случајот, по налог на Министерството за здравство веднаш, денеска, е формирана комисија за стручен надзор, и истата веќе започна со својата работа со цел целосно од стручен аспект да се испита целокупниот тек на интервенцијата.
Како што информираат од Министерството, од страна на директорот на болницата е повикана полиција и е известено јавното обвинителство, согласно законските прописи. Телата се предадени на обдукција во Судска медицина.
Иато така, земени се изјави од сите лекари согласно законските прописи, а од двајцата гинеколози и анестезиолози е земена и крв за утврдвање присуство на алкохол и недозволени супстанци.
Министерството за здравство ги презема сите потребни мерки за испитување на причините кои во текот на вчерашниот ден довеле до смртен исход на родилка и нејзиниот плод во Општа болница Гевгелија. По добивање на резултатите од обдукцијата, како и стручнот надзор ќе бидат преземени соодветни мерки, во согласност со законската регулатива.
Воедно, Министерството преку писмено соопштение изрази сочувство до семејството за трагичниот настан и за загубата на два живота.