Ќе бидат прикажани пет репрезентативни филмови од современата кинеска кинематографија, снимени од 2003 до 2013 година. Настанот се реализира во соработка со дистрибутерската куќа „КТ Филм и Медиа“.
Филмската ревија вечер ќе почне со документарниот филм „Залак од Кина: Подарокот од природата“ од 2012 година, посветен на историјата на храната, јадењето и готвењето во Кина.
Во понеделник публиката ќе може да го види играниот филм „Равенка за љубовта и смртта“ по сценарио и режија на Баопинг Цао, снимен во 2012, а во наредните денови ќе бидат прикажани и играните филмови: „Двајца стануваат еден“ од 2006 во режија на Винг-чеонг Лоу; „Мобилен телефон“ на режисерот Сјаоганг Фенг снимен во 2003 и „Љубовен миг“ во режија на Гавин Лин од 2013 година. Сите проекции се бесплатни.
Многумина Кина ја поврзуваат со древна цивилизација стара 5000 години, замислуваат слики на дрвени предмети и скулптури, додека сликите од современа Кина се скриени и непознати. Филмовите го претставуваат токму неодоливиот и непосреден дух на современа Кина, соопшти „КТ Филм и Медиа“.
На отворањето на Деновите на кинескиот филм ќе се обрати кинескиот директор на Институтот „Конфуциј“ проф. д-р Денг Шиџонг, а за значењето на современата кинеска кинематографија ќе зборува филмскиот режисер Саша Станишиќ.