
Под мотото „Излези за љубов! достоинство, еднаквост, правда“, организаторите националната мрежа против хомофобија и трансфобија вечерва го започна овогодишното издание на „Скопје прајд“. Неколку илјади луѓе околу 17 часот се собраа на почетната точка во паркот „Жена-борец“ во Скопје за третата по ред скопска парада на гордоста, која почна во 19 часот.
Присутни се и јавни личности, претставници на невладиниот сектор, министерот за правда Бојан Маричиќ и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.
Главни пораки од учесниците, е да се прифатат и толерираат различностите, да ги има ЛГБТ заедницата истите права како и другите граѓани, да не им се суди, да бидат безбедни. Сметаат дека нашето општество се движи кон прифаќање, но има уште многу работа.
На стадионот на АРМ ќе настапи и оперската пејачка Наде Талевска, како и дрег кралици од земјава и од регионот. Свои диџеј сетови ќе имаат Андреј Мицајков, Јана Тодоровска, Мартина Пенева и Џинџер.
„Прајдот е крик во име на милионите луѓе соочени со социјално исклучување, нарушена телесна автономија и ограничен пристап до услуги кои се достапни за сите останати. Скопје Прајд, како и другите паради на гордоста, е празник на љубовта, ден на видливоста на маргинализираните и, секако, повод за славење на жилавоста на нашата борба за еднаквост“, порачуваат организаторите од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ).
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше дека поради одржување на маршот, ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај по сообраќајниците на централното градско подрачје на Скопје.
„За време на движењето (по потреба) за сообраќај ќе бидат затворени ул. „11-ти Октомври“, ул. „Димитрие Чуповски“, ул. „Васил Главинов“, бул. „ВМРО“, бул. „Илинден“, ул. „Аминта Трети“ и ул. „1732“, истакнуваат од МВР.