Во текот на вчерашниот ден поднесени се 114 кривични пријави за дела со кои се овозможува пренесување заразна болест и 451 прекршочна пријава за неносење на лична заштитна опрема, информира вечерва Владата.
Во соопштението во кое владината прес- служба информира за заклучоците од владината седница се наведува дека припадниците на МВР во текот на вчерашниот ден извршиле контроли и на лицата кои се во самоизолација и дека во текот на наредните два дена ќе биде зголемен бројот на припадниците на МВР на терен, особено во градовите кои се туристички дестинации во земјата.
Од страна на Државниот пазарен инспекторат биле поднесени четири кривични пријави по членовите 205 и 206 од Кривичниот законик кои се однесуваат на дела со кои се овозможува пренесување заразна болест. Две од пријавите се поднесени во Дојран, една во Струмица и една во Битола. Државниот пазарен инспекторат денеска поднел и 12 прекршочни пријави.
Државниот трудов инспекторат во координација со полицијата, направил засилени контроли на подрачјето на Штип каде важи забраната за работа на текстилните и кожарските фабрики за време на продолжениот викенд. Од надзорите е утврдено дека компаниите од овие две дејности целосно ја почитувале забраната, а со засилени контроли инспекторите на Трудовиот инспекторат проверувале во производствените капацитети низ државата дали се почитуваат протоколите за заштита на работниците.
„Владата ги задолжи полицијата и инспекциските служби да продолжат со засилени контроли и да ги санкционираат сите прекршувања на мерките за спречување на ширењето коронавирусот и за заштита на здравјето на граѓаните од КОВИД-19“, се наведува во соопштението од владината прес-служба.