![sjo-pritvor](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2016/09/sjo-pritvor.jpg?resize=540%2C300&ssl=1)
Осум жалби на одлуките за продолжување на притворот на 29 лица осомничени за настаните во Собранието на 27-ми април минатата година се поднесени до средата во Кривичниот суд.
Жалбите во текот на денот треба да бидат доставени до Апелациониот суд на разгледување и одлучување.
Адвокатите на поголемиот дел од осомничените за насилствата во Собранието уште не доставиле жалби на одлуките за продолжување на притворот.
Организаторите на протестите „За заедничка Македонија“, Игор Дурловски и Богдан Илевски преку своите бранители поднеле жалба на последното решение на Кривичниот суд – да им биде продолжен притворот за нови 30 дена. Покрај нив, пристигнати се и жалбите на Мунир Пепиќ и на пратеникот Љупчо Димовски кој се жали на одлуката да остане уште еден месец во куќен притвор.
Притворот му беше продолжен и на поранешниот министер за внатрешни Митко Чавков, на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски односно на вкупно 23 лица осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за настаните од крвавиот четврток во Собранието. Во куќен притвор остануваат и пратениците Јохан Тарчуловски и Жаклина Пешевска.
Додека триесетина осомничени повеќе од 30 дена се во притвор, петмина сè уште не се достапни на органите на прогонот. Со национална потерница се бараат Никола Митревски – Кољо, Александар Василевски – Нинџа, Младен Додевски, Дејан Давидовски и Митре Питроповски на кои исто така Кривичниот суд им определи притвор од 30 дена кои ќе започнат да течат кога осомничените ќе бидат пронајдени и лишени од слобода. Обвинителството се уште ја преведува документацијата која треба да ја испрати до Интерпол за против овие лица да биде распишана и меѓународна потерница.