Поетската ноќ во Велестово, 34-та по ред, годинава ќе се одржи од 19 до 21 август на неколку локации во с. Велестово и во Охрид. Во програмата се предвидени три поетски читања на кои ќе учествуваат десетина поети од земјава и од странство, ќе биде отворена ликовна изложба, а ќе има и работилница за креативно пишување и иновативно интерпретирање поезија наменета за млади од регионот, како и дебати за важноста на книжевниот превод и за улогата на пејзажот во книжевноста, односно, за подигање на свеста за екологијата, информираат организаторите.
Официјално, програмата ќе започне во петок, на 19 август, од 21 часот, традиционално во Велестово на сретсело, со поетскиот портрет на македонската поетеса Лидија Димковска. За нејзиното поетско творештво ќе беседи Сашо Огненовски, а наши специјални гости и годинава ќе бидат семинаристите што ја посетуваат 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ. По поетскиот портрет, истата вечер од 22 часот, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово ќе биде отворена ликовната изложба на Никола Пијанманов ‒ „Плачот на Адам“, велат од организацијата на „Поетска ноќ во Велестово“.
Програмата, додаваат, ќе продолжи следниот ден, на 20 август, со проектот „OH READ ‒ Поетски викенд и работилница за млади од регионот“, а настаните ќе почнат од 11 часот во просториите на „Касарна ХАБ“ во Охрид, за кога е предвидена работилницата за креативно пишување и иновативно интерпретирање поезија наменета за учениците од охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ и за други заинтересирани млади од регионот.
Искуствата, велат, ќе ги споделат поетите од проектот OH READ: Селахатин Јолгиден (Турција), Мањола Наси (Албанија), Валентина Бакти (Србија), Диме Данов (Македонија) и Јулијана Величковска (Македонија).
Истиот ден, со почеток од 18 ч. во кафе и бар „Шила“ во Охрид, ќе се одржи и интернационалното поетско читање на кое ќе настапат споменатите поети од проектот OH READ, но и другите поети учесници на фестивалот: Ким Симонсен (Фарски Острови), Лидија Димковска (Македонија), Алеш Мустар (Словенија), Ана Голејшка Џикова (Македонија) и Зоран Јакимоски (Македонија). Во рамки на читањето предвидена е и една куса дебата за значењето на книжевните преводи, додаваат организаторите.
Фестивалот ќе заврши во недела, на 21 август, со уште едно интернационално поетско читање „Поезија ‒ Залез“ што ќе се одржи во природа, на локација во селото Велестово што се наоѓа во националниот парк „Галичица“, на кое ќе настапат сите поети учесници на фестивалот, а ќе се дебатира и за улогата на пејзажот во книжевноста, со што би ја подигнале свеста за екологијата.