Полицајка од Велес обвинува за мобинг и закани од претпоставен

Полициска службеничка вработена во Секторот за внатрешни работи во Велес тврди дека со месеци трпела мобинг и добивала закани од нејзин надреден, исто така, вработен во СВР – Велес. Заканите според тврдењето на полицајката се однесувале за нејзина прераспределба од Велес во Чашка или Богомила, објави телевизија 24.

На ваквите закани според полицајката претходела предновогодишната забава на која присуствувале речиси сите организациони единици на СВР – Велес. За време на истиот настан, според исказите на полицајката, високиот полициски службеник неколкупати во текот на ноќта се однесувал недолично спрема неа, вознемирувајќи ја со некултурни и неадекватни гестикулации и барал од неа истата вечер да ја придружува на дополнителна забава во велешка дискотека. Случајот го пријавила во полиција по што следеле дополнителни притисоци од високиот полициски службеник.

„Имав една непристојна понуда од висок полициски функционер којашто мене не ми се допаѓаше и секако ја одбив. Неколкупати се обидуваше да ме наведе на тоа, но јас не прифатив. Сето тоа се случуваше пред колегите, имам и сведоци за тоа. Во неколку наврати ми рече дека ќе бидам префрлена на друго работно место, нема да работам во Велес. Утрото кога веќе си отидов дома, во 5:07 часот, отворив на Фејсбук и видов дека имам порака од него во која што ми пишува само – Чашка“, вели велешката полицајка.

Целиот настан се одвивал пред неколку нејзини колеги кои дале и свои искази. Според документите до кои дошла ТВ 24, очевидците сведочеле дека високиот полициски службеник цело време ја вознемирувал повлекувајќи ја за рака и обидувајќи се да застане до неа. Посочениот полициски службеник одбил да ги коментира обвинувањата на негова сметка, образложувајќи дека му е треба дозвола од претпоставените, но обвинил дека станува збор за политички реваншизам од страна на полицајката.

Од Министерството за внатрешни работи информираат, пак, дека од преземените мерки не постоеле наоди со кои би можеле да ги потврдат тврдењата на полициската службеничка.

„По добиено сознание за извршено вознемирување на полициска службеничка, од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди веднаш е постапено и во текот на месец февруари годинава извршени се проверки во врска со наведениот случај. Од досегашните преземени мерки нема наоди со кои би можеле да ги потврдиме тврдењата на полициската службеничка“, стои во соопштението.