Полицијата со експресна реакција за vaksajns.mk, а за Јавна соба и требаа години

Министерството за здравство во Секторот за компјутерски криминал во МВР го пријавило домеинот vaksajns.mk, кој од вчера беше во употреба и со најава на www.vaksajns.mk, автоматски се отвора страницата www.vakcinacija.mk, каде граѓаните треба да се пријават за вакцинација против Ковид-19.

Од МЗ велат дека се работи за упад на официјалната страница на Mинистерството.

Адил Бакиу, на Фејсбук објави дека е повикан во полиција на разговор, токму поради доменот vaksajns.mk.

Воедно, Бакиу вели дека нему Единицата за компјутерски криминал брзо му влегла во траг, за разлика од предметот за девојчињата од Струмица чии инкриминирачки материјали биле споделувани насекаде и полицијата не успеала да ги најде сторителите цели две години.

„Краток апдејт: во 13:30 сум поканет во ПС Карпош на разговор околу доменот vaksajns.mk.
Единицата за компјутерски криминал мене брзо ми влезе во трага и брзо ме поканија за обично пренасочување кон сајтот на МЗ, за разлика од предметот за девојчињата од Струмица чии инкриминирачки материјали биле споделувани насекаде и не успеваше да ги најде сторителите 2 години“, напиша Бакиу.

Инаку, изразот ваксајнс стана многу популарен меѓу граѓаните, особено во објавите на социјалните мрежи, откако Зоран Заев го изговори во свое јавно обраќање на лош англиски јазик.