5.8 C
Skopje
четврток, декември 5, 2024

Полска ќе почне со производство на вакцината на Новивакс

Компанијата за биотехнологија во Полска „Мабион“ потпишала прелиминарен договор за производство на вакцината на „Новивакс “ со финансиска поддршка од државниот фонд.

Државниот фонд ПЕР ќе обезбеди 11 милиони долари заеми и удели за компанијата да може двојно да го зголеми производствениот капацитет во централна Полска.

“Најголемиот предизвик кога станува збор за достапноста на вакцините е производствениот капацитет. Со тоа, сите производители на вакцини имаат проблеми и тоа е причината за доцнењето. Инвестицијата е директен одговор на тие проблеми”, рече директорот на ПЕР Павел Борис.

Полска има околу 38 милиони жители и досега се вакцинирале над три милиони, претежно со вакцини произведени од „Фајзер“, „Модерна“ и „АстраЗенека“.

Обезбедени се и осум милиони дози на вакцината Новавакс преку Европската унија. Сè уште се чека одобрување од европските регулатори.

Борис рече дека ПЕР најверојатно ќе обезбеди дополнителна финансиска поддршка на Мабион доколку е потребно и дека ќе инвестира во слични компании.

„Ова е еден од најинтересните проекти и една од најголемите можности за Полска навистина да започне со производство на вакцини против ковид-19“, рече тој.