Помпео најави посети на седум сојузнички земји на САД

Американскиот државен секретар Мајк Помпео најави дека ќе замине на турнеа по седум сојузнички земји: Франција, Турција, Грузија, Израел, Обединетите Арапски Емирати, Катар и Саудиска Арабија.

Станува збор за земји кои ја признаа победата на демократскиот кандидат Џо Бајден на претседаетлските избори во САД на 3-ти ноември, со тоа што Саудиска Арабија тоа го стори неколку дена подоцна со штуро соопштение, иако сѐ уште нема официјални резултати, а актуелниот републикански претседател Доналд Трамп одбива засега да ја признае победата на противникот.

Помпео вторникот го поддржа ставот на Трамп и, исто така, одби да ја признае победата на Бајден до официјалното објавување на резултатите.

Турнеата на шефот на американската дипломатија започнува во петок и ќе трае до 23-ти ноември.

Помпео прво заминува за Париз, каде што ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон, кој во вторникот и телефонски му ја честитал победата на Џо Бајден.

Потоа Помпео ќе замине во Турција и во Грузија, а на крајот на Блискиот исто, каде што клучните американски сојузници Израел, Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати, имаат добри односи со претседателот Трамп, но го признаа Бајден како победник на претседателските избори.