Помпео: Патријархот Иринеј беше почитуван лидер и остава трајно наследство за идните генерации

Американскиот државен секретар Мајк Помпео синоќа изрази сочувство за Српската православна црква и нејзините верници за смртта на патријархот Иринеј, наведувајќи дека тој бил инспиративен лидер, почитуван и ценет и надвор од Србија.

„Во име на американскиот народ изразувам најдлабоко сочувство за упокојувањето на неговата светост, српскиот патријарх Иринеј“, наведе Помпео.

Во пораката, која на Твитер ја пренесе и Амбасадата на САД во Србија, Помпео наведе дека Иринеј бил „инспиративен лидер, почитуван и ценет и надвор од Србија и СПЦ“, и дека неговата посветеност на црквата и нејзините верници „остава трајно наследство за идните генерации“.

„Нашите мисли и молитви се со сите припадници на Српската православна црква во овие тешки мигови“, напиша шефот на американската дипломатија.

Помпео додаде дека патријархот Иринеј „ќе остане запамтен по силното и инспиративно лидерство низ верата, мудроста, и љубовта“.

Патријархот Иринеј почина во петокот од последиците на заразата од коронавирусот.