Поради неспособноста на власта, 2,5 милијарди евра ѝ се потребни на Македонија за јаглен, гас и струја, нагласи Мицкоски

-Постојат две сценарија. Првото е да не успее и тогаш сите ние да го почувствуваме тоа како физичка појава. И второто е да успее, но тоа да го платиме најскапо. Најсиромашната држава неспособноста на владата ќе ја плати најскапо, ете тоа е од прилика што можеме да го очекуваме, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали ќе успее државата да набави јаглен и струја.

Мицкоски истакна дека за да се случи второто сценарио, а тоа е да набави државата јаглен, гас и струја, тогаш единствен начин е повторно задолжување, бидејќи ќе бидат потребни 2,5 милијарди евра за Македонија да преживее. Како што нагласи, парите ќе треба повторно да ги дадат граѓаните и да ја платат неспособноста и криминалниот карактер на владата на СДСМ и ДУИ.

-За да се случи второто сценарио ќе требаат пари, а единствен начин да се обезбедат тие пари е повторно задолжување, повторно државни гаранции или пак да се користат државните резерви кои и така се намалени, за да дојдеме првпат после долго време под 3 милијарди евра, со што веќе сериозно ќе биде нарушена макроекономската стабилност на државата. Јас тоа веќе го кажав, 2,5 милијарди евра се потребни. Ако ме прашате од каде таа бројка јас кажав многу едноставно, само за гас ќе ни требаат 250 милиони евра, еврообврзницата која што достасува на почеток на следната година е 450 милиони евра, околу пола милијарда евра би требало да биде буџетскиот дефицит. Значи повеќе сме потрошиле отколку што сме собрале. И самата влада рече дека 300 милиони ќе им требаат за струја, јаглен и гас. Дојдовме од прилика до милијарда ипол евра и истото тоа сметајте го и за 2023 година, без да биде подржано стопанството. Значи 2,5 милијарди евра се потребни за Македонија да преживее, не велиме да живее, туку преживее, истакна тој.

Дода де дека :„Тие пари сигурно нема да ги извади ниту Ковачевски, ниту Ахмети, ниту било кој од владата, туку тие пари треба да ги извади народот. И тука нема ниту Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ, ниту ДУИ, сите сме обединети околу маката, и сите ќе треба од џеб да ги извадиме и да ја платиме неспособноста и криминалниот карактер на владата“, потенцира Мицкоски.