Поради топлото време Србија го одложи почетокот на грејната сезона за 31-ви октомври

Српските власти одлучија да го одложат стартот на грејната сезона и наместо како досега од 15-ти таа да почне на 31-ви октомври. Ова е една од мерките за штедење со која се очекува во буџетот да заштедат 50 милиони евра, а одлуката ја правдаат со прогнозите дека до крајот на тековниот месец се очекува натпросечно топло време.

Дел од српските медиуми повикувајќи се на извори од владата, до топланите и градските администрации веќе биле доставени дописи за спроведување на оваа мерка. Додаваат и дека планот ќе се спроведува согласно временската прогноза.

Српската премиерка Ана Брнабиќ смета дека во услови на енергетска криза од вакви размери и согласно дневните температури периодов бесмислено е да се вклучува парното.

„Во оваа смисла би биле енергетски ефикасни и едноставно е разумно кога температурата е 22 степени да не го вклучите парното. мислам дека е бесмислено тестовите за загревање и загревањето да почнат пред крајот на октомври. но, таа одлука ја носат локалните самоуправи“, рече брнабиќ.

Србија се надеваше дека енергетската криза која е предизвикана од војната во Украина и санкциите на земјите членки на ЕУ кон Русија ќе ја преброди полесно од останатите земји од регионот бидејќи планираше да увезува поевтини руски енергенси преку јадранскиот нафтовод но со последниот сет на мерки беа опфатени и трети земји, а Хрватска најмногу се залагаше за тоа и упати најголем број критики за плановите на Србија, што пак српските власти го протолкуваа како чин на непријателство.

Меѓувреме српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека земјата во наредниот период ќе инвестира 12 милијарди евра во изградба на нова безбедна рута за снабдување.

Со унгарскиот премиер Виктор Орбан се договорија за изградба на нафтовод до Унгарија, што би значело поголем степен на безбедност. На ваквата најава дека е договорена изградбата на нафтоводот, реагираше и претставникот на Европската комисија, Даниел Шеридан Фери.

„Можам да ве потсетам на правните аспекти на договорените дејствија дека земјите на ЕУ, кои по исклучок од санкциите, увезуваат руска нафта од цевководи или деривати, не можат да ја реекспортираат, односно да ја реизвезуваат во други земји на еу или трети земји“, рече Шеридан на конференцијата за новинари во седиштето на Европската комисија.