Поради високата инфлација реалните пензии во градовите во Албанија се намалиле за 6 отсто, во руралните средини останале непроменети

Албанските пензионери во најголем дел примаат исплати многу пониски од прагот на сиромаштија во Албанија (6,7 американски долари дневно), но минатата година пензиите забележаа голем пад како резултат на високата инфлација, објави весникот Монитор.

Официјалните податоци на Институтот за статистика покажуваат дека минатата година просечната пензија во градовите со сите надоместоци била 18.621 лека што е раст од 0,7 проценти во однос на 2021 година.

– Од друга страна, примањата на пензионерите на село останале непроменети. Месечните примања за пензионерите во руралните средини достигнале 10.888 лека со годишен раст од 6,8 отсто, но во меѓувреме реалната пензија под влијание на инфлација останала непроменета, додава весникот во анализата.

Во 2022 година, просечната урбана пензија беше 180 американски долари месечно или 90 отсто од линијата на сиромаштија, додека просечната рурална пензија беше 105 американски долари месечно или 52 отсто од линијата на сиромаштија.

– Демографската транзиција брзо ја менува структурата на населението во корист на постарите возрасти. Многу брзо, постарите ќе бидат идната генерација, но економското опкружување и општеството не создаваат услови достоинствено да се соочат со последиците од стареењето со иста брзина. Третото доба, кое наскоро ќе сочинува 30 отсто од населението, живее во сиромаштија и со недостаток на надеж за подобрување на финансиските услови во иднина, оценува истиот извор.

Според определбите на ИНСТАТ, кои се засноваат на меѓународна Методологија, пензионерот се смета за сиромашен ако месечната исплата е помала од половина од просечната плата на државата. Минатата година, просечната пензија во Албанија достигна 44,4 отсто од просечната нето плата.