Порака од митингот во Солун: Името Македонија им припаѓа на Грците

Македонија е еднакво на Грција и Грција е еднакво на Македонија, рече солунскиот митрополит Антимос во неделната свечена литургија во црквата „Свети Димитрија“.

Според организаторите на собирот биле присутни околу 50.000 демонстранти. Странските агенции истакнуваат дека меѓу нив повеќето биле припадници на националистичките групации, но и пратеници на екстремната парламентарна партија Златна зора, свештеници, како и делегации од грчката дијаспора.

Членката на организациониот одбор на денешниот протест, Ирини Леонарду изјави дека бараат името „Македонија“ да биде изоставено од името околу коешто ќе се договорат двете влада. „Не доаѓа предвид за тоа да се преговара“, рекла за AFP оваа 59-годишна писателка.

Наместо на протест, јавува дописникот на МИА од Атина, митрополитот закажа литургија која беше за „одржување на мирот, за грчкиот карактер на Македонија и за татковината“, со порака дека Македонија „била, е и ќе остане грчка“.

На свечената литургија што траеше речиси 3,5 часа, свое 30-минутно обраќање имаше и солунскиот митрополит, кој на присутните во црквата им објасни зошто „Скопје не може да го има и да го монополизира името Македонија“ и порача дека „Скопје нема ни стара ни понова историја“.

„Скопје никогаш нема да биде прифатено во грчката народна свест со името Македонија, бидејќи нашата Македонија постои во срцата на Грците, како нераскинлив дел од нашиот национален суверенитет веќе 2800 години. Скопје никогаш нема да може да го задржи името Македонија затоа што тоа им припаѓа на Грците“, рече солунскиот митрополит Антимос.

Како што пренесува МИА, тој побара од верниците да ја пренесат пораката дека Македонија е татковина и лулка на Грците.

„Македонија е еднакво на Грција и Грција е еднакво на Македонија“, рече солунскиот митрополит и изнуди аплаузи од присутните во црквата, како од верниците, така и од политичари кои ја следеа богослужбата.

Префектот на грчката област централна Македонија, лидерот на партијата Сојуз на централисти, пратеници од опозициската Нова Демократија, но и почесниот началник на Генералштабот на грчката армија, јавува дописникот на МИА од Атина, присуствуваа на свечената литургија. Откако Антимос го заврши неговото обраќање, во црквата присутните ја испеаја грчката химна.

Агенцијата AFP во својот извештај потсетува дека во 1992 година набрзо по стекнувањето на независноста на Република Македонија, и откако Атина го отвори спорот околу името, во Солун протестираа милион луѓе, како и дека ова прашање ги нарушува односите меѓу двете земји 26 години.

Се потсетува дека под Република Македонија досега ја признаа стотина земји, меѓу кои САД, Кина, Русија и Велика Британија. Покрај Грција, повеќето земји членки на ЕУ, меѓу кои Франција и Германија, официјално ја нарекуваат Поранешна југословенска Република Македонија.