Цените на нафтата на меѓународните пазари во петокот пораснаа над нивото од 62 долари за барел, поради сигналот од Саудиска Арабија дека Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нејзините партнери би можеле да го продолжат договорот за ограничување на производството и во втората половина од годинава.
На лондонскиот пазар цената на барелот пораснала за 73 центи во однос на затворањето на тргувањето претходниот ден и изнесуваше 62,40 долари. На американскиот пазар, пак, со барелот нафта се тргувало за 53 центи повисока цена од четвртокот, од 53,12 долари.
Во одвоен извештај OPEC во петокот утрото објави дека цената на барелот на неговата референтна кошница нафта од членките на организацијата во четвртокот изенсувала 60,88 долари, што значи дека била за 16 центи пониска од претходниот трговски ден.
Трговците во петокот беа преокупирани со изјавата на саудискиот министер за енергетика, Калид ал-Фалих на меѓународниот економски форум во Санкт Петербург дека цената на барелот од 60 долари е прениска за да ги охрабри вложувањата во секторот. Ал-Фалих истакна дека не сака да се зголеми производството на Саудиска Арабија, за да се надоместат пониските цени на нафтата. Смета, исто така, дека враќањето на цените на нивоата од 2014-та и 2015 година би било неприфатливо.
Договорот на OPEC и групата независни произведувачи предводени од Русија за намалување на снабдувањето за 1,2 милиони барели дневно, истекува кон крајот на јуни.
„Кога станува збор за OPEC, речиси веќе ги усогласивме ставовите за продолжувањето (на договорот за ограничувањето во снабдувањето). Сега уште мора да ги договориме поединостите надвор од OPEC… Мислам дека нема да има потреба за позначително намалување на испораките… Се надевам дека тоа ќе биде едноставна одлука и дека ќе го продолжиме договорот, но доколку не биде така, ние ќе бидеме флексибилни“, изјави ал-Фалих.
Понудата на нафтата на меѓународните пазари ја ограничуваат и американските санкции на извозот од двата голема произведувачи Иран и Венецуела.
„Прашањата поврзани со снабдувањето дефакто го кочат падот на цените под одредено ниво, кое во случајот на лондонскиот пазар е во согласност со зоната на техничка поддршка од 58/60 долари“, констатира во анкетата на Reuters, Ханс ван Клееф од банката „ABN Amro“.
Позначителниот раст на цените го закочува и континуираната загриженост за побарувачката поради новите сигнали за забавувањето на глобалниот економски раст и интензивирањето на трговската војна меѓу САД и Кина. Во меѓувреме САД се заканија и со царини за увозот од Мексико, нивен голем трговски партнер. Во четвртокот, втор ден по ред, продолжија разговорите меѓу американските и мексиканските функционери, кои испратија оптимистички пораки за можен скорешен договор, иако не е јасно дали мексиканските најави за сузбивањето на миграцијата се доволни САД да размислат за одложување на царините.