Поранешниот шеф на кинеската дипломатија сменет поради вонбрачна афера

Поранешниот кинески министер за надворешни работи, Чин Ганг, сменет од функцијата во јули годинаа, имал вонбрачна врска додека бил амбасадор во Соединетите држави, објави во вторникот The Wall Street Journal.

Весникот известува дека Чин соработувал со истрагата, која сега е фокусирана на тоа дали неговата афера или однесувањето ја загрозиле националната безбедност на Кина.

На високи кинески функционери им било кажано дека внатрешната истрага на Комунистичката партија покажала дека Чин се вплеткал во љубовна врска додека бил амбасадор на Кина во Соединетите држави, пишува весникот. Два извора за весникот изјавиле дека аферата резултирала со раѓање на дете во САД.

Претходно отсуството на Чин Ганг поттикна бројни нагаѓања на социјалните мрежи, па така веќе се споменуваше наводна негова вонбрачна врска со водителка на хонгконшка телевизија со којашто се запознал додека беше амбасадор во САД.

Кинеското Министерство за надворешни работи не одговорило веднаш на барањето на Reuters за коментар за извештајот на WSJ.

Во јули, Чин беше сменет од дипломатот ветеран Ванг Ји како министер за надворешни работи, откако Чин беше отсутен еден месец по едвај половина година на функцијата. Тој беше главен кинески дипломат во Вашингтон од јули 2021 година до јануари оваа година.

Чин Ганг беше кинески амбасадор во Вашингтон, пред да биде именуван за министер за надворешни работи. Претходно беше заменик министер за надворешни работи и шеф на протоколот на државниот и партиски орган на претседателот Кси Џинпинг во периодот од 2014 до 2017 година. Го сметаат за националистички тврдолинијаш, но како амбасадор во САД дејствуваше помалку конфронтирачки отколу пред именувањето на таа должност.

Педесет и седумгодишниот Ганг важеше за близок човек на претседателот Кси, на министерската должност бше именуван кон крајот на ланскиот декември а почна да ја извршува во март годинава.