Весникот „Слободен печат“ во МВР пријавил случај на порнографски видеа и фотографии со експлицитна содржина со девојки и жени од Гевгелија и околината кои деновиве масовно се споделуваат на пораки преку Вибер и Месинџер.
Овие експлицитни клипови и фотографии пристигнале до редакцијата на весникот. Во написот се наведува дека клиповите се споделувале преку Вибер и Месинџер, а жените и девојките што се на нив се мета на јавен линч на своите сограѓани. Дури се создавале адаптации на логоа од порнографски сајтови насловени како „ГевгелијаХаб“.
Од МВР за МИА потврдија дека случајот е пријавен и дека се постапува по него. И покрај споредбите со случајот од февруари годинава познат како „Јавна соба“ кога на социјалната мрежа Телеграм во затворена група се споделуваа фотографии и видеа со девојки, од кои некои малолетни, од МВР велат дека според досегашните сознанија не станува збор за слични случаи.
Од МВР за МИА посочуваат дека во овој случај станува збор пред се за приватно снимени фотографии и видеа, кои биле за лична употреба, а потоа се злоупотребени. Тие, додаваат од полицијата, не се објавуваат во некоја група или на некоја платформа, туку се препраќаат од еден на друг корисник преку пораки на Вибер и Месинџер. Сепак, случајот ќе се испитува и допрва ќе се утврдува за што станува збор.
За случајот е информиран и Хелсиншкиот комитет за човекови права, од каде велат дека се собираат информации.
„После ‘Јавна соба’ и масовното сексуално вознемирување на текстилните работнички на ФБ група следи нов скандал ‘ГевгелијаХаб4. Ги ѕирнав тие материјали и одговорно тврдам дека барем едно видео од овие беше споделено и на ‘Јавна соба’. Замислете тие жени се трет пат (еднаш кога биле споделени од оној кому му ги пратиле или ги снимал/сликал, вторпат на Јавна соба и сега најтешко во локалната средина во која живеат) жртви на сексуално вознемирување кое може сериозно да го наруши нивното ментално и физичко здравје“,
напиша на својот Фејсбук профил, Ирена Цветковиќ од Коалицијата „Маргини“.