Поставена посебна лента за превозниците од „Отворен Балкан“ на граничниот премин Прешево-Табановце

Министерот за финансии во Владата на Република Србија, Синиша Мали денеска изјави дека иницијативата „Отворен Балкан“ има за цел значително да го забрза протокот на стоки и услуги, да создаде единствен пазар на труд и подобри деловни услови за компаниите, што ќе доведе до побрз економски развој и повисок животен стандард на граѓаните на земјите потписнички на договорот во рамките Отворен Балкан.

За таа цел, на влезната, српска страна на граничниот премин Прешево-Табановце е поставен знак „Отворен Балкан“, со кој се означува лентата наменета за превозници на компании од Србија, Северна Македонија и Албанија со статус на овластен деловен субјект (АЕО).

-Камионите не треба да чекаат со часови на границите, туку сите потребни процедури да се спроведат брзо и ефикасно, нагласи министерот Мали.  Како што се наведува во соопштението, тојпотсети и дека е потпишан договор со кој ќе се овозможи воведување единствена работна дозвола меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија, што ќе направи да сме уште попривлечни за инвеститорите, кои ќе можат да добијат работници од сите три земји.

-Ги решаваме прашањата што ја мачат економијата, како што се чекањето на границите и комплицираните административни процедури или недостигот на работна сила. Сето тоа се работи кои носат многу придобивки за сите земји членки на Отворениот Балкан, заклучи Мали.