Потенцијалните партнери во германската влада со различни ставови за имиграцијата

Додека можните старо-нови партнери во германската влада се подготвуваат за разговорите во новата година, водечките личности на конзервативците на канцеларката Ангела Маркел и на социјалдемократите изнесуваат различни погледи на тоа како нивната моќна влада треба да му пристапи на прашањето на доселувањата во земјата.

Во засебни интервјуа, Томас Штробл, вториот човек на Христијанско-демократската унија (CDU) на Ангела Меркел, и министерот за надворешни работи од Социјалдемократската партија на Германија (SPD), Зигмар Габриел, ги изнесоа своите насоки за придобивање на приврзаниците незадоволни од имиргациската политика.

Штробл за весникот Heilbronner Stimme вели дека Германија би требала да го ограничи бројот на доселениците на 65.000 лица годишно, како што било во 2012 година, што е многу помалку од 200.000 колку што претходно заговараа конзервативците.

Меѓутоа, социјалдемократот Габриел, чиешто членство веројатно не би го прифатило толку драстичното ограничување, сугерира дека општините во Германија и во Европа би требало да добијат финансиска компензација, доколку се согласат да прифатат доселеници и бегалци.

„На тој начин локалните власти самите би одлучувале колку бегалци ќе земат. Со тоа би се избегнало граѓаните да добијат впечаток дека бегалците добиваат сѐ а ние ништо. ЕУ би можела да востанови програма за помош со финансирање на општините во посиромашните држави“, вели Габриел во разговорот за медиумската групација Funke.

Меркел, на којашто најдобри изгледи за четвртиот канцеларски мандат ѝ го нуди обновувањето на ткн „голема коалиција“, со социјалдемократите, за историски слабите резултати на парламентарните избори од 24-ти септември ја обвини загриженоста на граѓаните од имиграцијата во нивната земја и сега заговара поостар став во врска со депортирањата на имигрантите обвинети за злосторства или кои не ги исполнуваат условите за престој во Германија.

Членството на SPD, коешто мора да ратификува каков и да е договор за владата, е претпазливо во однос на повторувањето на искуствата од коалицијата поради којашто, како што сметат, оваа партија гласачите ја казнија на изборите со најсланиот резултат по повеќе од речиси седум децении.

Првите преговори меѓу партиите треба да започнат на 7-ми јануари, а Меркел се надева дека договорот ќе биде постигнат до средината на јануари.