Пожарите во Грција ослабеа, но некои и натаму горат

Шумските пожари кои ја пустошат Грција веќе една седмица во средата ослабеа, но пожарникарите и натаму се обидуваат да ја стават под контрола огнената стихија во којашто загинаа три лица, а десетици илјади туристи беа евакуирани.

„Шумските пожари ширум Грција стивнаа, но пожарникарите и натаму се активни на повеќе локации“, соопштија од противвпожарната служба.

Пожарникарите се справуваат со пожарот на островот Евија каде што во вторникот загинаа два грчки пилота кога нивниот канадер кој испушташе водени бомби врз огнот се урна во рид.

На Родос, кој поради пожарите го напуштија меѓу дваесет и триесет илјади туристи и локално население, пожарникарите се борат со огнот на три фронта.

Во вторникот со посебни летови вратени беа околу 3.000 туристи кои претходно беа евакуирани од островот. Родос како многу популарно туристичко летно одморалиште во летните месеци го посетуваат околу 1,5 милиони луѓе. Грчката економија, инаку, е многу зависно за секторот туризам кој сочинува 18 отсто од бруто домашниот производ (БДП) на земјата.

Министерката за туризам Олга Кефалојани тврди дека само мал дел од Родос е зафатен со шумските пожари, како и дека министерството во соработка со хотелиерите бара начин како да ги врати евакуираните туристи назад на островот.

Но пожарот на Крф, според локалните власти, се чини дека е намерно подметнат. Грција изминатите денови е на удар на многу високи температури, а се очекува дека во среда живата вво термометрите ќе се искачи и над 44 Целзиусови степени, а од четврток се очекува благ пад на температурите.