Во заостанатиот натпревар од 32. коло на англиската Премиер лигата, фудбалерите на Манчестер Јунајтед на својот „Олд Трафорд“ во четвртокот го совладаа лондонски Челзи со убедливи 4:1 (2:0) и со тоа го потврдија пласманот во Лигата на шампионите следната сезона.
Јунајтед поведе во 6 минута со голот на Касемиро. На крајот од првиот дел, во четвртата минута од судиското надополнување, Антони Марсијал погоди за 2:0. Бруно Фернандеш избори и реализираше пенал за 3:0 во 73 минута, а Маркус Рашфорд ја искористи грешката на гостинската одбрана и зголеми на 4:0 во 78 минута. Во 89 минута Португалецот Жоао Феликс постигна утешен гол за гостите.
Тоа беше 22-та победа за „Црвените ѓаволи“ во Премиер лигата оваа сезона, со која ќе завршат меѓу четирите најдобри екипи кои сигурно ќе играат во Лигата на шампионите следната сезона, заедно со Манчестер Сити, Арсенал и Њукасл.
Пред последното коло во Премиер лигата, е закажано за в недела (28-ми мај) и почнува во 17,30 часот, единствено непознато е кои два клуба ќе му се приклучат на Саутемптон и следната година ќе играат во понизок ранг на натпреварување. Евертон со 33 бода е пред Лидс и Лестер кои имаат по 31 бод и само победа може да ги спаси. Сите три екипи играат решавачки мечеви за опстанок пред своите навивачи: Евертон е домаќин на Бурнмаут, Лидс ќе му гостува на Тотенхем, а Вест Хем ќе гостува кај Лестер.