Премиера на претставата „Бакхи: Агава“ во МНТ

Во просторот на балетската сала при Македонскиот народен театар вечер премиерно ќе се одигра претставата „Бакхи: Агава“, според Еврипид и Тамара Барачков. Претставата е копродукциски проект помеѓу Перипетија продукција – Скопје, НУ Македонски народен театар и Градски театар од Јанина, Грција.

Претставата е во режија на Нина Николиќ, која на сцената на МНТ ги постави и претставите „Народен непријател“ (2022), „Нема да биде крај на светот“ (2021), „Отело“ (2019), „Галеб“ (2018) и „Разговори во четири очи“ (2015). Во претставата се користат и стиховите од песната „Мама е глагол од глаголот работи“ на Момчило Одаловиќ.

Агава е ликот за кој се зборува, а нејзиното однесување е предмет на толкување и прераскажување на останатите машки ликови. По чедоморството, Агава прозборува само во последниот чин. Но, злочинот го прави во состојба на занес и транс, таа сопствените постапки не е во состојба рационално да ги процесира и да ги вербализира. Според авторот Барачков, токму затоа, во процесот на развивање на овој текст, во кој гласот и централниот простор ѝ се дава на Агава, се дефинира коренот на нејзините проблеми и незадоволството. Се поставува и прашањето: која е оваа жена денес?

Во претстава улогите ги толкуваат актерите Симона Спировска — Агава; Александар Михајловски — Пентеј, а актерите Григор Јовановски — Дионис, Марија Кеврекиду, Ана Марија Бутниок, Афродита Атанасопулу и Дарја Ризова се со снимени гласови. Сценограф е Ангел Петровски, костимограф е Ивана Каранфиловска-Угуровска, дизајнер на звук е Александар Арсиќ и дизајнери на светло Даниела Атанасова и Горјан Темелкоски.