Приштина се оглуши на барањето на Квинтата и ЕУ и оневозможи гласање за Уставот на Србија на косовска територија

Косовскиот парламент во саботата на вонредна седница ја прифати резолуцијата со којашто на територијата на поранешната јужна српска покраина се онезвозможува одржувањето на референдумот за измени на Уставот на Србија, оглушувајќи се на повиците на земјите од Квинтата и од Европската унија на косовските Срби да им се овозможи гласањето.

Пратениците од Српската листа, којашто во парламентот во Приштина има загарантирани десет пратенички мандати за српската заедница, ја напуштија пленарната седница. Челникот на пратеничката група, Игор Симиќ, дискусијата ја нарече „фарса“ и оцени дека „одлуката на Србите да им се забрани гласање на референдумот“ за промена на Уставот на Србија е „веќе донесена“.

Резолуцијата којашто ја предложи косовскиот премиер Албин Курти, на вонредната седница е прифатена со 76 гласови. Единствениот став на косовскиот парламент е дека со организирање на референдумот на тамошните се „нарушува суверенитетот и уставниот поредок на Косово“ што е „во спротивност со Уставот и законите на Косово и со меѓународните стандарди“, се наведува во резолуцијата, пренесе Радио Слободна Европа од Приштина.

Со резолуцијата од косовската влада се бара да ги преземе „неопходните дејствија“ за да се „спречи кршењето на суверенитетот на уставниот поредок на Косово“, што сигурно ќе предизвика ескалација на тензиите на северот кој е доминатно населен со Срби.

Граѓаните на Србија во недела излегуваат на референдум за промена на Уставот коишто треба да ги засилат независноста и ефикасноста на судската власт, што е предуслов за реформите во евроинтегративниот процес на Белград.

Земјите на Квинтата (САД, Велија Британија, Франција, Германија и Италија) го гледаат српскиот референдум како „клучен чекор во јакнењето на независноста на правосудството и унапредување на транспарентноста и ефикасноста на институциите на владеењето на правото во земјата“ и во заедничкото соопштение од петокот ги охрабрија граѓаните на Србија да гласаат, бидејќи реформите ќе бидат „чекор напред во усогласувањето на Србија со стандардите на ЕУ кои ќе го поддржат процесот на пристапување“ на Белград кон Унијата.

Истовремено, Квинатата и ЕУ во соопштение ја повикаа владата во Приштина „да им дозволи на Србите на Косово да го остварат правото на гласање на изборите и изборните процеси во согласност со воспоставената практика“.

 

Заплена на изборниот материјал

Два камиона со гласачки ливчиња за референдумот беа задржани во петокот вечерта на административниот премин Мердаре, а косовската полиција соопшти дека се сомнева дека „тој материјал ќе биде користен“ за одржување на референдумот на Србија на косовска територија.

Возачите на камионите и функционерите во придружбата биле приведени, а белградските медиуми во саботата јавија дека се вратиле во Белград.

Потпретседателот на парламентарната комисија за Косово и Метохија на српската Скупштина, Милован Дрецун, оцени дека „за приштинските институции најважно е да оневозмажат секакво, макар и симболично присуство на Србија на Косово и Метохија“.

„Она што ме плаши е однесувањето на Организацијата за безбедност и соработка во Европа“, изјави Дрецун запрашувајќи како е можно претставниците на ОБСЕ да не се појават „да го преземат материјалот“ за референдумиот што вообичаено го прават.

Граѓаните на еднострано прогласената Републока Косово, според Уставот на Србија, учествуваат на паралментарните и претседателските избори во Србија и тоа е практика досега беше на сила, а изборниот процес го спроведуваат локалните власти под контрола на ОБСЕ.

Покрај тоа, земјите од Квинатата и ЕУ во соопштението во петокот го повикаа ОБСЕ да „овозможи собирање на гласачките ливчиња на избирачите коишто живеат на Косово на претстојниот референдум (…) во согласнсот со установената пракса“.