
Приватната збирка на францускиот моден дизајнер Убер де Живанши е продадена на наддавање во Париз за повеќе од 114 милиони евра, двојно повеќе од проценетата вредност, објави аукциската куќа Christie’s.
Главните 800 лотови составени од уметнички дела, слики и скулптури и исклучителен мебел од XVIII век, биле продавани на аукцијата којашто траеле од 14-ти до 17-ти јуни. Две онлајн аукции кои опфаќаат уште 478 групи предмети завршуваат во четврток.
Предметите понудени на физичкото наддавање со сумата од 114 милиони евра за повеќе од двојно ја надмина првично проценетата од 50 милиони евра.
Постигнати се нови рекорди кога станува за продажба на стар мебел од германскиот мајстор Давид Рентген.
„Жена која оди“ на италијанскиот скулптор Алберто Џакомети е продадена за 27 милиони евра, и е најскапото уметничко дело продадено во Франција од почетокот на годината и воедно е рекордна сума за дело од надреалистичкиот период на овој уметник.
Меѓу уметничките дела се и творби на Жоан Миро и на Пабло Пикасо.
Како што соопшти Christie’s, на наддавањето учествувале луѓе од сите страни на светот, а 57 отсто биле од Европа и од Блискиот исток, 30 отсто од Америките и 12 отсто од Азија.