Го читам и не можам да поверувам што пишува, веројатно една од водечките мимикрии во поновата историја на Македонија, Денко Малевски. Тој пишува дека Македонците и Бугарите се всушност еден ист народ?! Дека сето тоа што Американските и Британските дипломати и новинари го пишувале и известувале од Македонија за убиството на Делчев, за Илинденското востание за Солунските атентатори и тн. и тн, е нешто што може секој, кому ќе му текне да влезе во архивите и да го коригира, односно, наместо Бугарски или Бугари да напише Македонски или Македонци?! Веројатно компјутерите (?!) кои во тоа време сеуште чекале да бидат измислени, биле компатибилни со овие сегашниве… Ајнштајн бил во право за тоа кои две работи немаат лимит – глупоста и универзумот!
Инаку, ова доаѓа од велеумниот некогашен голем Југословен и министер за надворешни работи на Република Македонија Денко Малевски, кој во периодот на осамостојување на државата, се колнеше дека Македонија не може да опстои без Белград, за денес да не убедува дека ние Македонците сме биле ист народ со Бугарскиот.
Првото прашање што си го поставувам доаѓа од кажувањата на мојот покоен татко, кој за негова несреќа живеел и под Бугарските и под Српските власти. Зошто Бугарските власти кон Македонците, во моменти на немоќ и бес, кога сакале да ги навредат ги именувале како Срби, и обратно, Српските власти ги именувале како Бугари? Поинаку поставено прашањето, зошто никој од окупаторите во Македонија не го чувствувал Македонскиот народ како свој, како автентичен дел од сопственото национално ткиво, а тогашните нивни држави биле власт, биле се’ и сешто на таа територија?
Следното прашање е од поновата историја, од НОБ на Македонскиот народ. Против кого тоа војуваа Македонските партизани? Колку што знаеме од историјата, не од онаа на Колишевски, туку од светската историографија, Фашистичка Бугарија во 1941 година окупира еден поголем дел од територијата на Македонија, која е поделена уште со Италијанските фашистички власти на кои десна рака им беа Албанските балисти. Исто така, од таа историја, произлегува дека Комунистичката партија на Југославија, го помага отпорот во Македонија, кој на 11. Октомври се крена на вооружена борба против фашистичките окупатори, а на 19.03.1943 се формира Комунистичката партија на Македонија, која натаму ги презема активностите на организирање на партизански единици и изведување на воени дејствија на целата територија на Македонија. Дали, според велеумниот Денко, тоа што се случувало во Македонија било братоубиствена граѓанска војна во Македонија? Ако сме биле еден народ, зошто после капитулацијата на фашистичка Бугарија не е формирана власт од Бугарската држава во Македонија, зошто не останале, тие до капитулацијата биле тука?!
Последното прашање кое си го поставувам, е од сегашните случувања. Од кога тоа Бугарите во моменти на немоќ и бес, наместо Срби почнаа да не именуваат како Бугари, а не онака како што ние се чувствуваме, како Македонци? Зошто е тоа така? Сакаат да не навредат? И навистина не навредуваат!
Не верувам дека оваа ирационална измислица на велеумниот Денко е случајна и се прашувам дали е изворно негова или на некој близок на врхушката од СДС што му ја има потшепнато, за да се види пулсот на Македонецот, како би можеле овие да си продолжат со трендот на однародување и обезличување на Македонската држава и нација.
Можеби некој и ќе праша што тоа СДС однародил, што обезличил…дали треба коментар на едно такво прашање? Македонците, за разлика од Србите и Бугарите, Солун мора да го именуваат како Тесалоники; веќе во изводите од матичните книги ни пишуваат коси цртки наместо Република Македонија, како место на раѓање; во училиштата се изучува Мајчин јазик, а не Македонски јазик (се прашувам како ли е именуван мајчиниот му јазик на Заев во училиштата на Албански наставен јазик?!); во настапите на политичките елити од власта, неприродно, не потребно и без смисла се инсистира на користење на додавката северна, небаре им е пришиена на јазикот; како држава сме доведени во позиција да може Грција и Бугарија да не условиваат и уценуваат до поништување.
Претпоставувам дека тие тука немаат намера да застанат и се подготвуваат за својот слен чекор. Сепак, плашејќи се од народниот бес, бидејќи има една наша народна која вели – пази се од трпеливиот кога ќе го загуби трпението, наоѓаат ликови кои успеваат да преживеат дишејќи низ устата на некој друг и преку нив да пушат пробен балон. Со оглед дека бурата реакции доаѓаат од сите страни во земјава, освен од актуелните властелини кој гласно молчат, многу логична ми изгледа колумната на велепаметниот ни Денко, како нивна нарачка.
Дали грешам, а би сакал да грешам, многу бргу ќе видиме. Сепак за крај, да констатирам дека на политичкиот пазар во Македонија има голема разноликост, функционира, се има и се’ се наоѓа, секаква стока се нуди која чека купци кои се за мошне ефтина цена може да се офајдат во услови на светска пандемија на Covid – 19.
Автор: Воислав Зафировски за НетПрес