Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција истакна дека голема лага е дека Заев постигнувал успеси на меѓународен план.
Мицкоски рече дека во Европа ја знаат земјава по корупција, неправди и најновото дебаклот со здравствената криза.
-Со оваа влада ниту европската унија станува реалност, ниту пак некое билатерално прашање е затворено во наша корист. Доказ за тоа е спорот со нашиот источен сосед што е огромна пречка, а кој овде ни го продаваа како голем успех откако се потпиша договорот од страна на Владата на Заев со кој се отвори пандорината кутија. Но морам да кажам дека имајќи ја во предвид важноста на разговорите со источниот сосед, и нашиот стратешки интерес да се почнат преговори со Европската Унија, претходниот период се воздржував од јавни настапи и прес конференции со цел истите да не бидат погрешно разбрани, но и да се даде можност за решение. Сметам дека одговорно е да се дозволи Владата да го има целиот простор да ги оствари стратешките цели, но и да ги зачува, што треба да претставува нејзин прв приоритет националните интереси. Но, очигледно сме сведоци дека сето ова се удира во ѕид, и се враќаме отпочеток на изворот на проблемите. Целиот овој проблем со источниот сосед се темели на една лага на Зоран Заев и на една негова основна каратеристика која како буквар ја научија сите во регионот и светот, а тоа е системот на преговори преку свитканата кичма, нагласи Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека овој проблем немаше дотолку да ескалира и денес да имаме една се чини непремослива препрека и кочница на патот кон Европската Унија ако не беше Зоран Заев и неговата лага дека работата со датумот е завршена.