Продолжува расправата за буџетот во Собранието

Расправата за предлог буџетот за следната година треба да продложи и денеска во Собранието.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, во рамки на вчерашната расправа, истакна дека буџетот ќе  овозможи подинамичен економски раст преку реализација на капитални инвестиции кои се за 11 проценти повеќе во однос на оваа година и ќе ја задржи социјалната стабилност преку зголемениот  износ за пензии и социјална помош, како и преку зголемениот износ за субвенции од 140 милиони евра.

„Едната функција на Буџетот ќе биде да го компензира ефектот на се уште слабата европска економија и со поголеми капитални расходи да се постигнат повисоки стапки на економски раст“, рече министерот и додаде дека Македонија е единствена во ЈИЕ која има фискален простор да го одржи нивото на буџетски дефицит на повисоко ниво со цел да ја помогне македонската економија.

Ставрески нагласи дека со овие две функции дефицитот е поставен да се поддржи македонската економија и да се внимава на нивото на долгот што е долгорочно одржливо и Македонија без поголеми проблеми да го враќа.

Тој додаде дека приходната страна е конзистентна со економските политики што ги води Владата од 2006 година, а тоа е, како што истакна, Македонија да остане земја со најниски даноци без зголемување на ниту еден данок.

Опозицијата обини дека Буџетот за 2014 година е неразвоен, нереален, со промашени проекти, уште едно предизборно манипулирање и купување гласови од пензионерите и социјалните случаи, ветување дека ќе се зголемат платите на администрацијата. Пратениците од опозицијата сметаат дека тој не нуди можност за раздвижување на економијата и отворање нови работни места, напротив, ќе ги доосиромаши грѓаните.