Во 36-то коло од шпанската Примера продолжи мртвата трка за врвот меѓу Барселона и Реал Мадрид, кои со по четири голови ги совладаа во саботата своите противници.
По два погодоци за Реал уште во првото полувреме постигнаа Хамес Родригез во 3 и 11 минута, и на Алваро Мората во 30 и 35 минута.
Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан и овојпат ги одмораше Кристијан Роналдо, Лука Модриќ, Тони Крос и Марселои, имајќи предвид дека во среда играат реванш во полуфиналето во Лигата на шампионите против градскиот ривал Атлетико, кого „кралевите“ го совладаа со 3:0.
Барселона на својот „Камп Ноу“ го совлада Виљареал со 4:1 со двата гола на Лионел Меси, во 45 и 82 минута од пенал, додека другите двата гола ги постигнаа другите две јужноамерикански ѕвезди на Каталонците – Нејмар во 21 и Луис Суарез во 69 минута.
Со двата гола Меси стана првиот фудбалер од во првите пет лиги во Европа (Англија, Германија, Италија, Франција и Шпанија), кој стаса до бројката од 50 голови оваа сезона во сите натпреварувања.
Барселона и Реал Мадрид се израмнети на врвот со по 84 бодови. Каталонците имаат предност поради подобрата гол-разлика и подобриот скор од меѓусебните дуели сезонава, но мадриѓаните имаат натпревар помалку.
Атлетико Мадрид, пак, го совлада Еибар со 1:0 со голот на Саул Нигуез во 69 минута.
Фудбалерите на Спортинг Гион со минималната победа од 1:0 против Лас Палмас на својот терен со голот на Карлос Кармон во 67 минута, ги задржаа шансите за опстанување во лигата.