Промена на преговарачката методологија – предуслов за старт на преговорите со Македонија и Албанија

Проширувањето на ЕУ и промената на методологијата на пристапниот процес, што е предуслов Франција да се согласи на почеток на преговори со С. Македонија и Албанија, биле едни од главните теми на средбата на францускиот претседател Емануел Макрон со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Париз.

– Разговаравме за отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија, како да се направи напредок во модификацијата на методологијата на пристапните преговори и пред Самитот (на Европската унија и Западниот Балкан во мај) во Загреб…, за да создадеме атмосфера и оние земји кои имаа резерви, да се согласат на продолжување на процесот на пристапување. Тоа беше суштината на нашиот разговор на оваа тема – изјави Пленковиќ по работниот ручек со Макрон во Елисејската палата.

Макрон изјави дека сака Самитот во Загреб да биде успешен и дека промената на методологијата на преговарачкиот процес е предуслов за започнување преговори со земјите кандидати за членство во ЕУ.

– Ги споделувам вашите напори да постигнете единство на Самитот во Загреб во мај и тој да биде успешен за Европа. Франција предложи нова методологија, со цел процесот на проширување не биде само бирократски процес, туку вистински политички пат напред кој може да биде и забрзан и реверзибилен, кој содржи услови, но и конкретни придобивки за земјите кандидати – изјави Макрон.

На самитот на ЕУ во октомври, Франција го блокираше започнувањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Хрватска, која го презеде шестмесечното претседавање со Унијата на 1 јануари, меѓутоа сака да го одблокира тој процес.

– Задоволен сум што претседателот Макрон изрази оптимизам за успех на Самитот во Загреб. За нас таа средба е исклучително важна. Во наш интерес е овие земји да бидат стабилни, да преземат економски и социјални реформи – додаде Пленковиќ.

Тој нагласи дека со Макрон разговарал и за главните предизвици на хрватското претседавање со Унијата, за подготовките за самитот во мај и за Конференцијата за иднината на Европа, за Брегзит, како и за билатералните односи.

Макрон, од своја страна, нагласи дека сака да работи на јакнење на билатералните односи и најави дека покрај тоа што ќе дојде во Загреб на Самитот во мај, планира и да ја посети Хрватска во возвратна билатерална посета.