Пропалестинските демонстранти упаднаа на парадата на Денот на благодарноста во Њујорк

Пропалестинските демонстранти накратко ја прекинаа традиционалната парада на стоковните куќи „Macy“ на Денот на благодарноста, која оваа година се одржува во услови на зголемена безбедност и тензии поради израелско-палестинската војна во Појасот Газа.

Војната на Блискиот исток ги натера властите да преземат дополнителни мерки на претпазливост на аеродромите и трговските центри низ Соединетите држави и на рутата до Њујорк што традиционално ја опфаќа парадата на синџирот стоковни куќи. Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, на прашањето за протестите што би можеле да се одржат за време на парадата, им рече на новинарите дека градот го почитува правото на слобода на говор, но нема да толерира никакво нарушување.

Група од околу 20 пропалестински демонстранти ја прекинаа парадата неколку минути. Многумина од нив носеа маици на кои пишуваше „Стоп за геноцидот“ и транспаренти на кои пишуваше „Слобода за Палестина“ и „Геноцид тогаш, геноцид сега“. Демонстрантите носеа натписи на кои пишуваше „Колонијализам“, „Милитаризам“, „Етничко чистење“ и пролеваа вештачка крв еден на друг, според видоеснимките на медиумите. Некои го носеа знакот „Слобода за Палестина и планетата“.

Полициските службеници интервенираа и ги отстранија демонстрантите од парадата.

Денот на благодарноста се карактеризира со тоа што семејството и пријателите се собираат на вечера со мисирки и ја гледаат парадата и американскиот фудбал на телевизија. Тоа е најпрометната седмциа во годината за патување и ја започнува празничната сезона на шопинг на ткн Црн петок, ден по Денот на благодарноста.

Оваа година празникот се одржува во време на војна што поттикна бран на антисемитизам и исламофобија во САД. Федералното биро за истраги (FBI) го предупреди Конгресот дека заканата од терористички напади е најголема во последната деценија. Претседателот Џо Бајден повика на национално единство и пристојност во интервју за телевизијата NBC News додека ја следеше парадата.

„Можеме да имаме различни политички ставови, но треба да се фокусираме на решавање на сопствените проблеми“, рече Бајден.

Денот на благодарноста како официјален празник датира од 1863 година, кога претседателот Абрахам Линколн го прогласил последниот четврток во ноември за ден на благодарност. Американските ученици учат дека наводно корените на празникот се навраќаат на аџиите кои се населиле во денешен Масачусетс во Плимут Рок. Во 1620 година, доселениците од Стариот свет наводно ја прославувале есенската жетва со домородниот народ Вампаноаг. Меѓутоа, за многу домородци Американци, Денот на благодарноста е ден на мрачно сеќавање на геноцидот што следеше.