![kovacevski](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/09/kovacevski-2.jpg?resize=696%2C388&ssl=1)
Владата на денешната седница донесе нов сет мерки за справување со енергетската и ценовната криза, вреден над 350 милиони евра. Новиот пакет мерки го образложи премиерот Димитар Ковачевски, кој рече дека со овие средства, вкупната поддршка на Владата за полесно надминување на кризата во сите сфери досега изнесува 750 милиони евра.
-Заштитата на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите, остануваат приоритет. Клучната порака е дека никого нема да заборавиме и да оставиме сам да се справува со последиците. Кризата ќе ја пребродиме сите заедно, рече Ковачевски на прес-конференцијата.
Тој нагласи дека мора да има енергенси, парно и струја, како и мерки за најранливите категории граѓани.
-Менаџираме добро со Буџетот и ги враќаме парите назад кај граѓаните, посебно кај најранливите категории. Направивме длабоки консултации со експертите, работодавачите, стопанските комори и пензионерите, науката, ги финализиравме мерките за поддршка на граѓаните и на компаниите, но од денес уште попосветено ќе работиме за надминување на кризата, истакна Ковачевски.
На прашањето дали е можно Левица и ВМРО-ДПМНЕ да ги блокираат мерките, Ковачевски рече дека очекува од сите партии и пратеници да бидат одговорни пред граѓаните и стопанството.
„Левица не може да блокира, тие имаат друга агенда“, рече премиерот.