Прва победа на Ангели, Гостивар славеше во Куманово

Екипата на Ангели има причина за радост откако по дванаесетте порази од стартот на сезонава, денеска се израдува на првата победа во елитното друштво. Ангели денеска гостуваа во Аеродром на вториот тим на МЗТ Скопје, каде славеа над директниот ривал за опстанок со минимални 81-82.

Засилувањето Раме се покажа во извонредно светло дебитирајќи со 32 поени за македонскиот прволигаш, 15 постигна Атанасов, додека кај младиот состав на МЗТ најефикасни беа Ренсом со 24 и Митевски со 21 постигнат поен.

Кошаркарите на Гостивар остварија триумф од 96-84 на гостувањето во Куманово. Во натпревар со пресврти, на крајот гостите беа поконцентрирани во финишот, и дојдоа до победата.

Гостивар одлично го почна мечот, и во првиот период имаше предност од 12 разлика (18-30). Меѓутоа во вториот се разбудија кумановци, па ја добија втората четвртина со +15 (28-13), и на одмор заминаа со предност.

Во третиот период повторно Гостивар подобар, и ја доби со 21-29, со што повторно имаше предност. Куманово успеа да стигне и до -1 во последната четвртина. Меѓутоа во финишот Гостиварци беа поефикасни и дојдоа до триумфот.

Јанески од Гостивар постигна 31 поен, додека кај Куманово најефикасен беше Абром со 27 поени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.