
Маж на возраст од 69 години е првата жртва на епидемијата предизвикана од новиот сој коронавирус Covid-19 во Австрија, а првиот смртен случај го забележа и Алжир, а бројот на заболени и починати во Иран и натаму расте, пренесуваат агецииите во четвртокот за вирусот со кој се заразени над 126.000 луѓе во светот, а починале повеќе од 4.600.
Починатиот Австриец престојувал во соседна Италија и имал претходна болест а коронавирусот е причина за смртниот исход. Во Австрија во моментов има 302 потврдени случаи на инфекцијата, според агенцијата Reuters.
Алжирското министерство за здравство објави во четвртокот дека го забележало првиот смртен случај од коронавирусот, без да даде други поединости. Покрај тоа, забележени се пет нови случаи на заразата, со што вкупниот број во Алжир се зголеми на 24, пренесува AFP.
Истовремено бројот на починатите во Иран се зголемил на 429, според новите официјални податоци. Иранските власти во последните 24 часа регистрирале 1.075 нови случаи на заразата, соопшти претставник на тамошното министерство за здравство.
Ширум светот заразени се повеќе од 126.100 лица, а починале над 4.600 луѓе, според податоците кои го собрала агенцијата Reuters.
Најтешко погодени земји по Кина се Италија со 12.462 заразени и 827 мртви, Иран со 9.000 заразени и 429 мртви, Јужна Кореја со 7.869 заразени од кои 114 новозаразени и 66 починати, Франција со 2.281 заразен од кои 497 нови случаи и 48 смртни случаи.
САД пријавија 1.101 заразен од кои 191 нов случај од средата во 17 часот по ГМТ, и вкупно 28 починати, според AFP.