Опозициската Нова демократија на Киријакос Мицотакис води по предвремените парламентарни избори во Грција, покажуваат излезните анкети на грчките дифузери.
Анкетата предвидува дека Нова демократија води меѓу 38 и 42 отсто, додека левичарската Сириза на Алексис Ципрас, која е на власт од 2015 година, ќе освои меѓу 26,5 и 30,5 отсто гласови. Според излезните анкети, Движењето за промени ќе освои меѓу 6 и 8 отсто, пред Грчката комунистичка партија која ќе освои меѓу 5 и 7 проценти.
Златна зора се очекува да има меѓу 2.8 и 4.8 отсто од гласовите, додека Мера 25 на поранешниот министер за финансии, Јанис Варуфакис меѓу 3 и 5 отсто.
Според овие излезни анкети, Нова демократија би имала од 155 до 167 места во парламентот, односно апсолутно мнозинство, додека СИРИЗА меѓу 77 и 82 места. Резултатите од излезната анкета ги поздравија од Нова демократија.
„Ако се потврди излазната анкета, Нова демократија постигнува една од најголемите победи. Граѓаните конечно решија да ја остават кризата зад себе и земјата да се врати во нормални текови“, велат партиски извори.
Од Сириза соопштија дека ќе ја почитуваат демократијата и резултатите.
„Без оглед на се Сириза како опозиција ќе ги брани своите политички и економски правци“.
Согласно грчкиот Устав, партијата што ќе освои најголем број гласови и ќе победи на изборите, веќе утре од претседателот ќе добие 72 часовен мандат за формирање Влада.
Мицотакис, како најави, неговата Влада е веќе одбрана, а свечена заклетва ќе положат во вторник.