Актуелниот фудбалски француски шампион Пари Сен Жермен во средбата од третото коло од новата сезона ја оствари втората победа, совладувајќи го на својот „Парк на принцовите“ Тулуз со убедливи 4:0.
Париските „Светци“ победата ја остварија во вториот дел, кога беа постигнати сите четири погодоци. Двоен стрелец беше Ерик Максим Шупо-Мотињ, во 50 и 75 минута, автогол во 55 минута постигна Матје Гонславез а во 83 минута стрелец беше и Марквињос.
Но ПСЖ во оваа лесна победа остана без двете ѕвезди, Единсон Кавани беше изнесен од теренот во 14 минута и токму на негово место влезе двојниот стрелец, а Килиан М’Бапе беше принуден да побара замена во вториот дел.
ПСЖ сега е трет со шест бодови, колку што има и вториот Лион, четвртата Нива и петтиот Анжер, додека Тулуз е 12-ти со четири бодови.
На врвот на табелата е Рен кој и натаму има стопроцентен ефект откако со 2:0 победи на гостувањето кај Стразбур, кој сега е 15-ти со два бода. Стрелци на головите беа Клемент Грение во 16 и М’Баје Нианг во 54 минута, а домаќините од 83 минута играа без „поцвренетиот“ Абдула Н’Дур.
Претходно во неделата Монако и во третиот првенствен натпревар остана со играч помалки, а тоа скапо го чинеше бидејќи го испушти водството од 2:0 на домашен терен против Нимс. Монако до предноста стаса со головите на Ислам Слимани во 39 и Бен Једер во првата минута од судиското продолжение. Меѓутоа, во 55 минута црвен картон му беше полажан на бразилскиот стопер Жемерсон, по што Нимс успеа да ја искористи предноста и головите на Ромен Филипотез во 70 Ауеке Денкеј во 82 минута да дојде до израмнување.
Монако со првиот освоен бод и натаму е на претпоследното 19-то место, а Нимс, за кого ова беше исто така првиот бод во новата сезона, е место погоре на табелата.
Во саботата беа постигнати следните резултати: Брест – Ремс 1:0, Анжер – Мец 3:0, Амјен – Нант 1:2, Дижон – Бордо 0:2. Колото продолжува во понеделник со дуелот Монпелје – Лион, а во среда го заокружуваат мечевите Марсеј – Сен Етјебн и Лил – Сен Етјен и Ница – Марсеј.