Пучдемон бара да му се овозможи враќање во Барселона

Еден од предводниците на каталонското тежнеење за независност, Карлес Пучдемон, побара во саботата од шпанската влада да му овозможи да се врати во Каталонија до одржувањето на првата седница на новиот состав на регионалниот парламент за да стане одново претседател на покраината.

Карлес Пучдемон, кој беше претседател на Каталонија до крајот на октомври, своеволно замина во егзил во Белгија. Нему во Шпанија му се заканува апсење под обвинение за организирање на референдумот за независност од 1-ви октомври кој шпанскиот уставен суд го прогласи за нелегален а владата во Мадрид го забрани, како и за поттикнување на бунт, трошење јавни пари на покраината за организирање на референдумот, непослушност и прогласување на републиката, за што му се заканува долгогодишна затворска казна.

Партиите кои сакаат независност на вонредните регионални избори, кои ги распиша централната влада на 21-ви декември во надеж дека ќе стивнат аспирациите за отцепување на Каталонија, осигурија мнозинство во парламентот, но уште не е познато дали Пучдемон и другите уапсени каталонски лидери на партиите поборнички за независноста ќе можат да присуствуваат на седниците на парламентот.

„Сакам да се вратам во Каталонија што поскоро. Би сакал да се вратам веднаш. Тоа би биле добри вести за Шпанија“, вели Пучдемон во разговорот за агенцијата Reuters.

На прашањето дали ќе стаса навреме за првата седница којашто треба да се одржи најдоцна до 23-ти јануари, Пучдемон одговора дека тоа би „било природно“. „Доколку не ми дозволат да ја положам свечената обврска за претседател, тоа би претставувало голема абнормалност за шпанскиот демократски систем“, вели.

„Јас сум претставник на регионалната влада и ќе останам претседател доколку шпанската држава ги почитува резултатите од гласањето“, додава Пучдемон.

Повикува на дијалог со шпанската влада за да се надминат сегашните тензии меѓу Каталонија и властите во Мадрид, и вели дека е подготвен да го сослуша секој предлог на шпанскиот премиер Маријано Рахој, па доколку тој и не нуди независност.

„Доколку шпанската држава има предлог за Каталонија, треба да го сослушаме“, вели Пучдемон и бара тоа да биде дијалог на рамноправни.

Рахој во петокот изјави дека е отворен за дијалог, но имплицитно го отфрли барањето на Пучдемон наскоро да се сретнат велејќи дека ќе разговара со кого и да е кој ќе биде каталонски претседател дури откако ќе биде избран новиот каталонски парламент.

Преговорите за формирање на каталонската влада веројатно ќе започнат по божикните и новогодишните празници на 6-ти јануари. За новата влада на Каталонија тамошниот парламент мора да гласа до 8-ми февруари.