Шпанското државно обвинителство побара во понеделникот од Врховниот суд повторно да го активира европскиот налог за апсење на отстранетиот каталонски претседател Карлес Пучдемон откако тој, и покрај предупредувањата од Мадрид од неделата, во понеделникот утрото сепак од Белгија отпатува во Данска.
Малку по 7 часот утрото во понеделникот Карлес Пучдемон слета на аеродромот во данската престолнина Копенхаген. Тој на Универзитетот Копенхаген, според највата, од 14 до 16 часот ќе учествува во дебатата за ситуацијата во фактички одметнатата североисточна покраина под наслов „Каталонија и Европа на раскрсницата за демократизација? Дебата со Карлес Пучдемон“. Во вторник има намера да го посети данскиот парламент и таму да се сретне со дел од пратениците.
Шпанското државно обвинителство побара од Врховниот суд да испрати во Данска налог за апсење за Пучдемон поради поттикнување бунт против Шпанија, злоупотреба на јавните покраински средства за подготовка, за поттикнување на непослушност и организрање на независноста на Каталонија, за што му се заканува долга затворска казна. Истражниот судија Пабло Љарена, кој го води случајот против членовите на поранешната каталонска влада и против нејзиниот претседател Пучдемон, сега мора да ја донесе одлуката.
По изгласувањето на независноста во каталонскиот парламент на 27-ми октомври Пучдемон и четворица членови на неговата влада отпатуваа во Белгија. Одбија да заминат во Мадрид на судско сослушување откако претходно беа притворени други каталонски сепаратистички политичари, по што Шпанија распиша меѓународна потерница.
Меѓутоа потерницата подоцна беше повлечена за да се избегне можноста белгиските власти да му одобрат политички азил. Љарена го повлече налогот за апсење сметајќи дека Брисел може да го екстрадира само под обвинение за користење јавни пари за организирање на референдумот спротивен на шпанскиот устав, но не и за бунт и непослушност. На Пучдемон и натаму му се заканува апсење доколку се врати во Шпанија, и не е познато како повторно ќе ја води каталонската влада, откако и на предвремените парламентарни избори мнозинство освоија партиите кои се залагаат за независност и повторно го предложија за претседател.
Во понеделникот, пак, во Барселона се очекува предлогот за кандидат за претседател на покраинската влада, откако минатата седмица беше формиран новиот состав на парламентот по изборите од 1-ви декември што ги распиша владата во Мадрид. Новиот претседател на парламентот Рожер Торент, поборник на независноста, одржа разговори со претставниците на партиите па во текот на денот треба да соопшти кој е кандидат. Според сите најави, Пучдемон повторно ќе биде кандидат, а партиите кои ги поддржуваат велат дека тој може да ја води владата од далечните преку видеолинк. На тоа се спротиставува владата во Мадрид и партиите во Каталонија коишто се за унитарност на државата.