Путин потпиша указ со мерките за одговор на ценовниот плафон на руската нафта

Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша во вторникот указот за примена на посебните економски мерки со коишто Москва ќе одговори на утврдувањето на максималната цена на руската нафта и нафтени деривати кои на почетокот од декември ги воведоа Европската унија и земјите од Г7.

Како што известуваат руските новински агенции повикувајќи се на документот објавени во вечерва, во него се наведува дека мерките се воведуваат „во врска со непријателските и спротивните на меѓународното право дејствија на САД и на странските земји и меѓународни организации кои им се приклучија“ со цел да се заштитат националните интереси на Русија.

Документот ќе стапи на сила на 1-ви февруари и ќе важи до 1-ви јули 2023 година. Не е наведено какви ќе бидат потезите на Москва по изминувањето на тој период, доколку и натаму на сила бидат мерките за лимитирање на цената на руската нафта од страна на колективниот Запад.

Со указот на Путин ги забранува продажбите и испораките испорачувањето на нафта и нафтени деривати на земјите и организациите кои го прифаќаат лимитирањето на цената во договорите. Покрај тоа, е забранува испорака на нафта за странските купувачи, доколку во договорите го користат механизмот за одредување горен плафон на цената на руската нафта.

Исклучок за испораките на нафта и нафтени деривати во земјите кои се приклучиле на воведувањето на механизмот за ограничување на цената на рускиот енергенс ќе бидат можни само врз основа на специјална одлука на претседателот на Руската Федерација.

Ембаргото на нафтата којашто се испорачува со бродови во Европската унија стапи на сила од полноќ на 5-ти декември, а паралелно членките на Г7, Австралија и ЕУ ја ограничија цената на руската нафта на 60 долари по барел, тврдејќи дека сакаат на Русија да ѝ ги намалат приходите за финансирање на војната во Украина.

Механизмот би требало да функционира преку забрана за осигурителните компании и превозниците да пружаат услуги за транспортот на руската нафта над одредената цена. Според замислите, лимитираната цена треба да ѝ го ограничи приходите на Русија, но да биде доволно стимулативна за Москва да не го запре производството и да предизвика турбуленции на меѓународните пазари.

 

Механизмот за ограничување на цената на руската нафта

Планот за ограничување на цените на руската нафта предизвика нервоза кај компаниите кои пружаат услуги во бродскиот транспорт и на осигурителните компании во секторот, кои сакат да ги знаат конкретните одредби за да не се доведат во ситуација да бидат санкционирани.

Насоките на Бирото за контрола на странската сопственост (OFAC) при американското Министерство за финансии одговараат на неколку клучни прашања, вклучително и кога ограничувањето ќе стапи на сила и на кои компании ќе се однесува.

Насоките не го наведуваат конкретниот ценовен плафон, за кој САД преговараа со партнерите во Г7 (Велика Британија, Германија, Италија, Јапонија, Канада и Франција), ЕУ и Австралија.

Прописите за ограничување на цената не се однесуваа на бродовите натоварени со нафта до 5-ти декември, кои ќе впловат во крајното пристаниште до 19-ти јануари, според документот на OFAC. Со тоа танкерите со руска нафта купена до активирање на механизмот на 5-ти декември би требало да добијат во време да стасаат на често оддалечените крајни дестинации. Од 5-ти декември сите пратки мора да го почитуваат ограничувањето на цената.

Покрај тоа, ограничувањето на цената на руската нафта се однесува само на првата продажба на „истоварената“ нафта на дестинација надвор од Русија, односно на првото место на коешто товарот стасува до брегот. Нафтата препродадена на копното по првата точка на влезот ќе може да се продава по повисока цена.

Доколку нафтата биде вратена на море непреработена, повторно ќе биде подложна на ценовното ограничувања, се вели во американските насоки.

Ограничувањето на цената нема да се однесува на нафтата од други земји која минува низ Русија или се истоварува од Русија, појаснуваат од OFAC, издвојувајќи го Каспискиот нафтоводен конзорциум (CPS), кој ја транспортира нафтата преку цевковод од Казахстан до Црното Море.

Американските компании и натаму не смеат да увезуваат руска нафта, во согласност со забраната од март, но можат да ја препродаваат, под услов да се почитува ценовниот лимит, а во периодот кога светските медиуми посочуваат дека американските компании изминатиот период се најголемите купувачи на руската нафта.

Во механизмот, според насоките, ќе учествуваат компаниите поврзани со поморскиот транспорт на руската нафта, како што се трговците, осигурителите, финансиерите, превозниците, компаниите за регистрација на бродови и помош при извозот и увозот.

Исклучок ќе бидат услугите за медицинска евакуација и другите итни услуги за членовите на екипажите, како и услугите за нивното здравствено и патничко осигурување, како и инспекцијата и навигацијата и водењето на бродовите, според објавените американски насоки.