Москва е подготвена да се врати на договорот за жито штом Западот ги исполни своите обврски, кажал рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган.
„Потврдена е подготвеноста Русија да се врати кон договорот кога Западот навистина ќе ги исполни сите обврски кон неа кои се опфатени во договорот“, информираа од прес-службата на Кремљ, пренесувајќи ја содржината на разговорот меѓу двајцата лидери.
Од Кремљ додаваат дека Путин во телефонскиот разговор со Ердоган ги навел причините на Русија за повлекување од договорот за извоз на жито минатиот месец, додавајќи дека Москва веднаш ќе се врати кон него откако Западот ќе го исполни делот од договорот што се однесува на Русија.
Москва тврди дека Западот не направил ништо за да го олесни извозот на руско жито и вештачко ѓубриво, како што е наведено во договорот постигнат со посредство на Обединетите нации (ОН) и Турција минатиот јули.
Обединетите нации и Турција во јули минатата година посредуваа во договорот меѓу двете завојувани страни (Русија и Украина) со кој ѝ беше овозможено на Украина, која е една од клучните житници во светот, да испорачува храна и ѓубрива од трите нејзини пристаништа на Црното Море.
Потпишан во јули 2022 година во Истанбул, договорот веќе двапати беше обновен и овозможи 33 милиони тони жито да се извезат преку украинските пристаништа минатата година и покрај конфликтот.
Во април годинава, Полска, Унгарија и Словачка донесоа одлуки за привремено прекинување на увозот на жито и други земјоделски култури од Украина поради стравувања дека презаситеноста со овие култури ги намалува цените и ja загрозува продажбата од страна на локалните земјоделци.