По две недели пауза, од денеска продолжуваат со работа претставниците на работната група за договорот од Пржино. Со Договорот од Пржино, којшто беше потпишан минатиот месец, практично се стави крај на политичката криза во Македонија.
Претставниците на четирите политички партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, денес ќе расправаат за пречистувањето на избирачкиот список, предлогот за активната регистрација, како и за гласањето на дијаспората.
Пред две недели, практично пред одморот на работната група за договорот од Пржино, кога за прв пат се актуелизира прашањето за гласањето на дијаспората, нашинците во странство упатија низа реакции како одговор на барањето на опозицијата да се укине нивното право на глас.
Иселениците едногласни: Правото на глас мора да остане
Инаку, по актуелизацијата на прашањето за гласање на дијаспората деновиве со низа реакции се јавија македонските иселеници, кои едногласно порачаа дека гласањето мора да остане.
Меѓу оние што по пат на писмени реакции и соопштенија реагираа во врска со ова прашање се и Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД), Македонската Алијанса, Советот на македонската заедница од САД. Здруженијата јасно порачаа дека и дијаспората има право на глас и тоа право мора да се заштити.
Обединетата македонска дијаспора (ОМД) соопшти дека ги осудува сите напори кои би наштетиле или би им го одзеле правото на македонските иселеници да гласаат на претседателски и парламентарни избори во Република Македонија во трите изборни единици во дијаспората.
За нас, предлогот за одземање или дополнително отежнување на правото на глас на дијаспората претставува несфатлив потег кој укажува на длабоко непочитување кон оние кои имаат континуиран и огромен придонес за економскиот развој на Република Македонија, како и за добивање меѓународна поддршка околу пристапот на државата во Евро-атлантските институции како НАТО и ЕУ, се вели во соопштението.
Од Македонската Алијанса ги повикаа сите политички субјекти во Република Македонија да не се пазарат со основното демократско право на македонската дијаспора, да избира и да биде избрана за да влијае на општествените текови во татковината.
За Македонската алијанса избирачкото право е основно политичко право на граѓаните и претставува обележје на современите, демократски, плуралистички држави кое е загарантирано со Универзалната декларација за правата на човекот од 1948 година.
Ние сме свесни дека веројатно има одредени прашања кои можат да се подобрат, но секој почеток е тежок и секогаш постои можност правилата да се унапредат врз основа на претходните искуства. Ние имаме разбирање за фрустрацијата на одредени политички партии, кои својот неуспех да се наметнат програмски во дијаспората сакаат да го решат со иницијативи за укинување на нивното право за гласање, се вели во соопштението од Македонската Алијанса.
Реакција стигна и од Советот на Македонска Заедница, национален центар Детроит, кои порачаа дека нивната насоченост кон татковината е мотивирана со желбата за придонес, но и вербата дека напредокот и благосостојбата на Македонија зависат меѓу другото и од степенот на вклученост на дијаспората и нејзиниот непроценлив потенцијал во развојот на Македонија.
Здобивањето со избирачко право во Македонија беше долготраен, но и долгоочекуван процес и ние нема да се откажеме од него. Советот на Македонската Заедница ќе продолжи да се бори за одржување на двонасочна и ефективна врска со Македонија, а ние цврсто сме убедени дека суштински инструмент во таа насока е неоттуѓивото и со Устав загарантирано право на глас на бројната македонска дијаспора, велат од ова здружение.
Тема на разговор и Специјалниот јавен обвинител и неговите надлежности
Исто така, работната група за спроведување на договорот од Пржино ќе расправа и за изборот на специјалниот јавен обвинител, надлежностите и структурата на ДИК и специјалниот обвинител, како и низа други прашања предвидени во договорот.
Инаку,според договореното, до 15-ти септември треба да бидат утврдени законската рамка и името на човекот кој ќе ја извршува функција специјален обвинител за да може да биде избран во македонскиот парламент.
Работната група во рамки на минатите средби разговараше за тоа под чија надлежност ќе биде избирачкиот список, како ќе се утврдува неговата веродостојност, за составот на ДИК и гласањето на дијаспората.
За Јавен обвинител на Република Македонија може да биде именувано лице кое покрај општите услови треба да има работно искуство од најмалку осум години со потврдени резултати на правни работи по положениот правосуден испит, или редовен или вонреден универзитетски професор кој предавал повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика.