Работна средба на битолскиот градоначалник Коњановски со амбасадорот на Турција

Амбасадорот на Република Турција, Хасан Мехмет Секизќок, во срадата ја посети општина Битола, каде имаше средба со градоначалникот Тони Коњановски. На средбата се разговараше за повеќе важни теми и области, низ кои континуирано се продлабочува соработката на Битола со градови од Турција.

Посебен акцент на средбата беше ставен на економската соработка, која се потврдува и со сериозната заинтересираност на турска компанија за инвестиција во Битола, која се очекува наскоро да биде реализирана. Градоначалникот информираше за отвореноста на локалната самоуправа и поддршката која ја овозможува општината во рамките на својата надлежност и за развој на други бизнис идеи кои ќе придонесат за економско јакнење на Битола.

На средбата, се разговараше и за историската поврзаност на двете држави, како и посебното значење на Битола и нејзината привлечност за голем број турски туристи, кои се чести гости во градот. Во овој контекст, беа разгледани и новите можности кои треба да се создадат за понатамошен напредок на туризмот и збогатување на туристичката понуда.

Исто така, се разговараше и за соработката во областа на образованието и културата, а после средбата во кабинетот, градоначалникот Коњановски и амбасадорот Секизќок, прошетаа низ Старата битолска чаршија и посетија дел од значајните културно – историски обележја на Битола, меѓу кои и Хаџи Махмуд Беј џамијата, која што покрај своето верско значење, некогаш важела и за важен просветителски, образовен дом и институција.